ТЕСТ: Mazda CX-5 2.2 SKYACTIV-D 175 Ultimate AWD Auto – Повторување на успехот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda CX-5 2.2 SKYACTIV-D 175 Ultimate AWD Auto – Повторување на успехот

Имавме одлична можност да поминеме неколку дена со новиот SUV на Mazda – и ја искористивме таа можност да се увериме дека јапонскиот производител не само што ги исполни, туку и ги надмина очекувањата од новиот модел!


Кога Mazda најави дека ја подготвува новата генерација на популарниот SUV со ознаката CX-5, бевме малку изненадени. Минатата, прва генерација на моделот се појави пред само 5 години и не очекувавме дека Mazda толку брзо ќе го замени моделот. Но сепак, кога подобро ќе размислиме, и ќе ја ставиме во контекст филозофијата на јапонскиот бренд за континуирано подобрување на своите модели – тогаш ваквиот чекор е сосем разбирлив.

Веднаш-препознатлив, но модерен и привлечен дизајн!

Новиот CX-5 е директна еволуција на моделот кој неодамна се пензионираше. Дизајнот е веднаш препознатлив како Mazda, но очигледна е еволуцијата на секој детал – од новата, остра и дури несекојдневно тродимензионална маска, преку острите странични линии со висок раб на прозорците, па сè до задниот дел каде доминираат задните светлосни групи со привлечна графика – ова е KODO дизајнот на Mazda, но рафиниран, подобрен и појасен.

Доооолгиот поклопец на моторот му дава на автомобилот интересна – дури ако подзамижите – купеовска форма, а привлечната црвена боја едноставно се издвојува од морето сиви и сребрени автомобили по нашите улици. Всушност, мораме да признаеме дека CX-5 изгледа некако.. Скапо! Уште еден дизајнерски полн погодок на дизајнерите на Mazda.

Атмосферата во кабината е скалило погоре од досега

Кабината на новата Mazda CX-5 ги следи тековните трендови – како на конкуренцијата, така и на Mazda, но оди чекор понатаму во однос на квалитетот на материјалите и финалната обработка од она што го нудеше досегашниот модел. Новиот централен дисплеј поставен на врв на конзолата е со одлична резолуција, алуминиумските детали од отворите за вентилација се едноставни и привлечни, а управувачот е одлично димензиониран.

Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, и единствената забелешка што ја имаме во однос на ергономијата е краткиот од на нагодувањето на управувачот по длабочина – би сакале да има барем уште неколку сантиметри нагодување. Но инаку – возачката позиција е комфорна и прегледна, сите команди се јасни и лесни за користење, и скоро сè што ќе побарате е токму онаму каде очекувате. Мултимедијалниот уред се контролира преку централен „џоистик“ поставен на средината на конзолата, и лесно се контролираат сите функции, а на инструментите пред возачот се покажани најважните податоци околу возењето.

На задната клупа ќе се сместат комфорно двајца, по потреба и тројца патници. Седењето е комфорно благодарение на аголот на наслонот на задната клупа. Патниците ќе имаат доволно простор како за колената, така и за главите. Багажникот нуди капацитет од 506 литри – не толку како некои од конкурентите, но кога ќе ги преклопите задните седишта таа бројка расте на одлични 1620 литри. Внесувањето и поголеми предмети е лесно заради нискиот раб и релативно правилната форма на отворот на багажникот.

Mazda CX-5 останува еден од најдинамичните автомобили во класата!

Но како и секогаш, Mazda CX-5 се истакнува кога ќе седнете зад управувачот и ќе возите. Новиот SUV на Mazda ја продолжува приказната од моделот кој замина, и нуди динамичност во возењето која е вистинска реткост во овој сегмент. Директноста на управувачот и леснотијата со која CX-5 ја менува насоката на движење даваат чувство дека се возите во хечбек, а не во SUV. Но подеднакво импресивно е што оваа динамичност е постигната без притоа да е направен компромис во однос на комфорот – Mazda CX-5 одлично ги покорува нашите улици а во кабината не се пренесуваат никакви несакани вибрации ниту пак звуци.

Инженерите на Mazda се пофалија дека е посветено многу внимание на рафинираноста и звучната изолација – и верувајте, се гледа (односно, се слуша)! Уште при првото влегување во кабината ќе забележите дека севкупното чувство е отидено едно скалило нагоре, но вистинскиот впечаток ќе го добиете кога ќе излезете на отворен пати ќе забележите дека можете да „крстарите“ со брзини значително над дозволените, а во кабината ќе биде тивко и лесно ќе разговарате со сопатниците.

Моќен, рафиниран и економичен турбодизел со 175 коњски сили

Задолжен за придвижување на нашата Mazda CX-5 беше добро-познатиот 2.2-литарски SKYACTIV-D турбодизел кој испорачува 175 коњски сили при 4500 вртежи во минута и 420 Nm вртежен момент при 2000 вртежи во минута. Во комбинација со автоматскиот менувач со 6 брзини и погонот на сите четири тркала, овој мотор му овозможува на јапонскиот SUV да забрза до 100 километри на час за 9.5 секунди и да постигне максимални 206 километри на час. Автоматскиот менувач ги менува брзините мазно во сите услови, но ние би го препорачале и мануелниот менувач како исклучително прецизен и лесен за користење.

За време на нашето неколкудневно тестирање измеривме просечна потрошувачка која се движеше меѓу 8 и 9 литри дизел гориво на 100 изминати километри, и тоа во градски услови. Излезете на отворен пат и потрошувачката значително се намалува.

Конечно, да зборуваме и за опремата. Бидејќи нашиот тестен модел дојде во највисокото ниво на опрема, кое кај Mazda се вика Ultimate – можеме да кажеме едноставно дека „нема што нема“. Ќе ги споменеме LED предните светла, кожниот ентериер со загревање како на предните, така и на задните седишта, уредот за навигација, адаптивниот темпомат и сите други ситници. Mazda реши да понуди хај-тек решение и токму тоа и го направи со новата CX-5. Во моментот на објавување на овој тест, CX-5 уште не е тестиран од страна на EuroNCAP, но сигурни сме дека ќе освои максимални 5 ѕвездички.

Рецептот кој Mazda го користи за своите автомобили е одлични употребен во CX-5!

Сè на сè, се наметнува заклучокот дека Mazda повторно нуди автомобил кој не само што е подготвен да се бори во навистина компетитивен сегмент, туку и да биде блиску до врвот. Привлечниот дизајн, моќните и економични мотори и многуте „играчки“ кои можат да се добијат се само дел од успешниот рецепт кој Mazda го користи за своите автомобили, и кој се гледа дека е повторно употребен за да продолжи успешната приказна за CX-5!

  • 2.2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 175 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 420 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 206 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.5 секунди
  • Должина: 4550 mm
  • Ширина: 1840 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1480 mm
  • Тежина: 1595 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2698 mm
  • Багажен простор: 506 литри
  • Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda CX-5 2.2 SKYACTIV-D 175 Ultimate AWD Auto – 43.980 ЕУР
    Цена на основиот модел: Mazda CX-5 Skyactiv-G 165 Emotion – 28.480 ЕУР

Фотографија: Дејан Маликовски

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.