Имавме навистина перфектен викенд – тотална доминација на Иџе во Германија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Имавме навистина перфектен викенд – тотална доминација на Иџе во Германија!

Можеби тоа беше јасно одамна, и пред трката во Германија, со сите перформанси и резултати оваа сезона, но по постигнувањето на патеката Гласбахренен како домаќин на деветтата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки, со гордост можеме да кажеме дека го имаме најдобриот возач на ридски патеки во Европа во моментов!

Со исклучок на неколку локални возачи, но само на нивните домашни патеки во Италија и Словачка, на целиот Стар континент нема возач кој е дораснат на квалитетите на нашиот “Иџе-национале“.

Она што Иџе го направи во Германија не е само импресивно, туку и ретко видено на европските трки. Ослободен од товарот на домашна конкуренција каква што имаше на претходните две трки, свесен за фаворитскиот статус, Иџе јурна по рушење на рекордот на патеката во групата Н кој самиот го собори и минатата година. Веќе во првото возење, мерачот на време застана на 2:35.466 – цели 4 секунди подобро од ланското време. Постигнувајќи ја целта, во второто возење Иџе “олабави“ на 2:37.149.

Колку за споредба. Второпласираниот во групата Н, Јири Лос, со исто возило како и Стефановски, севкупно по двете возења заостана цели 10 секунди зад нашиот ас. Третопласираниот Мартин Јерман – 16 секунди! Да не заборавиме, и Лос и Јерман се ветерани во овој спорт кои години наназад редовно учествуваат на трките од Европскиот шампионат и постојано се во самиот врв.

Севкупно, од 114 возачи колку што имаа пласман по двете возења во Германија, Иџе имаше 23 вкупно време по вредност! Со тоа што, барем на хартија, групата Н би требало да е една од најслабите (поради големите лимитирања на преправките на автомобилот). Зад Стефановски останаа десетици поискусни возачи со далеку побрзи возила и класи.

idze-rekord

– Имавме навистина перфектен викенд. Подобрените перформанси најмногу се должат на промената на пневматиците. Последниве две трки ги возиме со новата компонента на Пирели која ја имаат моите конкуренти. Разликата е повеќе од очигледна. Втор момент е што ова е техничка патека, а таквите многу добро му лежат на мојот стил на возење и на вакви патеки секогаш постигнувам врвни резултати – изјави Иџе од Германија.

Уште еден голем плус за Иџе е ненастапот на неговиот најголем конкурент во генералниот пласман, Чехот Јаромир Мали кој е доминантен во групата А. Во негово отсуство најбрз во таа конкуренција беше неговиот сонародник Лукас Војачек кој со тоа го превзема второто место во генерала со 27 бода негатива во однос на лидерот Стефановски.

– Не знам зошто не учествуваше Мали, немам информација. Мислам дека моите противници очекуваа да кикснам на претходната трка во Словачка поради силната локална конкуренција, па така да ми се приближат на достижна разлика во генерала. Можеби и на ним веќе им е јасно дека шансите до крајот на сезоната им се многу мали. Како и да е, мое е да си ја завршам работата во преостанатите три трки до крајот на шампионатот, а зголемувањето на бодовната разлика секако ќе ми помогне за порелаксиран пристап на следните настапи – додаде Иџе.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.