Startech му оддава почит на легендарниот Defender со ексклузивниот Sixty8 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Startech му оддава почит на легендарниот Defender со ексклузивниот Sixty8

Именуван по вкупно 68-те години сериско производство на Land Rover Defender, Sixty8 на Startech е вистински омаж кон легендарниот теренец!

Startech ќе произведе само 68 примероци од Sixty8 кои ќе се понудат на купувачи од целиот свет, и сите ќе бидат базирани на караванската изведба на Land Rover Defender 110, со 5 или 7 седишта. Sixty8 добива модификации на екстериерот и ентериерот и навистина се истакнува меѓу малиот милион различни верзии на легендарниот теренец.

Првата работа која се забележува е бојата – каросеријата е офарбана во Corris Grey Metallic, а кровот во Santorini Black. Дополнително, целиот автомобил има Startech Series 3.1 бодикит кој треба да евоцира спомени на Land Rover Series 3, произведуван од 1971 до 1984. Ќе ги забележите и големите 18-инчни тркала обвиени во теренски гуми, и уште многу други ситници и детали.

Во ентериерот, Sixty8 добива ексклузивна преработка, скоро сите површини се обвиени во квалитетни материјали или кожа, има многу детали изработени од нерѓосувачки челик, а меѓу стандардната опрема ќе најдете и Alpine мултимедијален уред со навигација и камера за паркирање.

Под поклопецот се крие стандардниот 2.2-литарски турбодизел кој испорачува 120 коњски сили и 360 Nm вртежен момент. Моторот се комбинира со шест-степен мануелен менувач и дополнителна редуцирана брзина за теренско возење, перманентен погон на сите четири тркала и можност за механичка блокада на диференцијалите. Доколку сакате еден ваков примерок, цените во Германија започнуваат од 67.990 евра за верзијата со пет седишта, односно 69.900 за верзијата со седум.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.