ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Dakar D7X-R е подготвен за… Дакар! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Dakar D7X-R е подготвен за… Дакар!

Defender Dakar D7X-R е подготвен за World Rally-Raid Шампионатот и ќе се натпреварува во Stock категоријата со легендарниот Stéphane Peterhansel зад управувачот.

Океј, ајде да расчистиме. Ова не е „концепт“ или „прототип“ – ова е Defender подготвен за најтешкиот натпревар на светот – Дакар! Базиран врз Defender Octa, но со доволно доработки и измени за да може да го издржи напорот на легендарната трка. Добива редизајниран бодикит за подобрено ладење, поробустна заштита и доработена суспензија (со Bilstein амортизери) за справување со секакви теренски предизвици. А да, и 35-инчни тркала, зголемено растојание од подлогата и поширок траг.

За сопирање се задолжени надгредни сопирачки со моќни клешти, дизајнирани да ги издржат предизвиците (и температурите, секако) на пустинското возење.

Под предниот поклопец се наоѓа истиот 4.4-литарски твин-турбо V8 кој го користи и Defender Octa. Го добива и истиот 8-брзински автоматски менувач, кој има изменети односи за уште подобро теренско натпреварување. Електрониката е водена од нов централен процесор кој нуди и Flight Mode, режим кој ја регулира испораката на вртежен момент за што е можно помазно слетување по скокање низ пустина. А за возење низ пустина потребно е и гориво – Defender Dakar D7X-R добива огромен 550-литарски резервоар!

Кабината е спартанска, но добива заштитен кафез, тркачки седишта и дополнителни контроли за теренско возење. Задната клупа е отстранета, а на нејзино место доаѓаат три резервни тркала, кутија со алат, резервоар за компресиран воздух, хидрауилични дигалки и резервоар за вода.

Следното издание на Дакар започнува во Јануари и ветува дека ќе биде многу, многу интересно! За тимот на Land Rover ќе возат Stéphane Peterhansel и совозачот Mika Metge, Rokas Baciuška и Oriol Vidal, и Sara Price и совозачот Sean Berriman.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.