Компанијата разгледува повеќе опции за локации, вклучувајќи ги Шпанија и Унгарија.
Претседателот на GWM International, Parker Shi откри дека трошоците за работна сила и логистика се клучни фактори при изборот на локацијата. Компанијата исто така внимателно ја следи индустриската политика на Европската унија, особено во однос на условите за инвестиции и царински трошоци.
Ова е првото ажурирање за европските амбиции на GWM после 2023 година, кога тогашниот претседател Mu Feng изјави дека компанијата започнува со избор на локација за фабриката. GWM во моментов има фабрики во Русија, Тајланд и Бразил, но сè уште нема во Западна Европа. GWM своевремено имаше фабрика во Ловеч, Бугарија, која започна со работа во 2012, го намали производството во 2016 и целосно престана со работа во 2022.
Кинескиот производител има за цел да произведува возила со различни типови на погони — од традиционални мотори со внатрешно согорување до хибридни и целосно електрични модели. Меѓу новите модели кои ќе бидат понудени на европскиот пазар е Ora 5, чија премиера се очекува во средината на 2026 година.
Конкуренцијата во Европа за GWM вклучува познати брендови од регионот, но и други кинески компании како BYD, која исто така проучува можност за фабрика во Шпанија, освен своите постојни во Унгарија и Турција. Со изградбата на локална фабрика, GWM сака да ги намали трошоците за увоз и да ги избегне високите царински давачки за електрични возила.




