full screen background image
Search

ТЕСТ: Haval H6 2.0 GDIT Supreme – Од Кина со љубов!

Кога еден производител јасно и гласно ги најавува своите амбиции, добиваме продукти кои комфорно можат да стојат рамо до рамо со други, многу поскапи брендови – и токму тоа се случува со Haval H6!

Haval е SUV-брендот на кинескиот гигант Great Wall Motors (GWM) и брендот со кој GWM ги наметнува своите амбиции на пазарите ширум светот. Но сепак, за да успееме да ги ставиме нештата во вистинскиот контекст, мораме прво да објасниме кои се Great Wall Motors. Компанијата постои скоро 40-тина години и годишно продава повеќе од 1 милион возила, а пред две години потпиша огромен договор со BMW за локално производство на електричните верзии на MINI. Со производствени капацитети во неколку земји и цела гама на модели, GWM е еден од кинеските производители со најголема пазарна пенетрација – па ајде да зборуваме за Haval H6.

Европски дизајн

Како што веќе напоменавме, Haval е брендот на GWM задолжен за SUV модели, a H6 е тековниот знаменосец на гамата. На прв поглед, изгледа навистина… Европски. Ги нема оние незграпни, малку чудни пропорции кои се типични за кинеските возила. Нема ниту „украден“ дизајн – да, ако погледнете поубаво ќе препознаете детал преземен од овој-или-оној производител, но H6 има свој, засебен лик. На предниот дел вниманието го задржуваат широките, хоризонтални светла и големите отвори за воздух. Нема непотребни детали и форми, нема вулгарни елементи – дури би рекле дека и некои европски производители тука би можеле да научат лекција или две.

Профилот е типичен за еден SUV – мазни и чисти површини, хромирани декоративни елементи и прилично голем „стакленик“. На задниот дел вниманието го задржуваат задните светла и големиот заден дифузер, во кој се поставени четири функционални издувни цевки. Ни се допаѓаат и големите, 19-инчни тркала кои одлично му прилегаат на овој SUV – не се ни преголеми, ни премали. Таман! Сè на сè, H6 изгледа достоинствено и привлечно – не е ниту вулгарен ниту здодевен. Баш напротив!

Поврзано:   Златно Тркало 2021: Ова се финалистите!

Комфорна, модерна и проооооосторна кабина

Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува навистина модерна кабина. Како што обично бидува со кинеските автомобили, добиваме навистина многу, многу опрема. Ајде да започнеме со кожните седишта (кои се електрично нагодливи и со загревање), па да продолжиме со управувачот (исто така со загревање, супер-практично деновиве додека траат овие поларни температури), супер-јасните дигитални инструменти поставени на одличен панел, како и централниот мултимедијален уред преку кој се контролираат многу од функционалностите.

Секако, имаме и некои ситни забелешки – на пример, до копчето за загревање на седишта е поставено копчето за автоматско паркирање со иконче од управувач – и некако, би очекувале тоа копче да е за загревање на управувачот. Но она кое импресионира е нивото на завршна обработка – скоро сè што ќе допрете е покриено во квалитетни материјали кои се одлично „заштрафени“.

Немаме ама баш никакви забелешки на просторната понуда – како на предните, така и на задните седишта има навистина многу простор. Всушност, на задната клупа има простор како во значително поголеми и неколкукратно поскапи возила. Отворете ја петтата врата и ќе ве пречека багажен простор со капацитет од 620 литри, кои растат на 1290 литри кога ќе ги преклопите задните седишта.

Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Големите стаклени површини овозможуваат одличен поглед кон надворешноста, но „нема бегање“ од фактот дека H6 е голем автомобил. Маневрирањето значително го олеснуваат сензорите и камерите кои едноставно морате да ги имате. Низ град, движењето е лесно и комфорно – а одличниот 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка скоро неприметно ги менува брзините. Сите контроли се прилично лесни за користење – за многу од функционалностите има физички копчиња, а мултимедијалниот уред може да се контролира и преку командите поставени пред централниот наслон за раце.

Поврзано:   Златно Тркало 2021: Ова се финалистите!

Агилен и прилично штедлив 2-литарски  турбо-бензинец

Всушност, кога сме тука, ајде малку и за погонот. Нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски GDIT турбо-бензинец кој испорачува 190 коњски сили при 5500 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент од 2000 до 3200 вртежи во минута. Во комбинација со DCT менувачот и погонот на предните тркала, овој мотор овозможува забрзување до 100 километри на час за 9.9 секунди и максимална брзина од 190 километри на час.

Бензинецот работи мазно и во комбинација со менувачот овозможува тивко и комфорно возење. Во оној момент кога ќе посакате повеќе перформанси и ќе ја „залепите“ педалата во подот, H6 граби нанапред и неуморно забрзува. Во зависност од вашата самоконтрола, можете да очекувате потрошувачка која би се движела меѓу 10 и 11 литри на 100 километри во градски услови – и ако сме искрени, тоа е сосем респектабилна бројка, особено за овој не-баш-мал SUV.

Суспензијата прилично добро ги филтрира нерамнините од нашите улици. Некои ситни вибрации знаат да стигнат до кабината, но генерално сме задоволни од комфорот – кабината е пријатно место за минување и повеќе километри. На повисоки брзини на отворен пат во кабината забележавме малку повеќе бучавост од ветрот, но тука веќе зборуваме за брзини кои не се баш најлегални. ;)

Haval H6 е „на свое“ кога ќе му пристапите опуштено. Ова не е SUV од кој треба да се бараат и очекуваат спортски карактеристики. Серво-управувањето е лесно, менувачот е опуштен и на H6 повеќе му одговара достоинствен, релаксиран стил на возење. А во тие ситуации, ќе ве награди со лесно функционирање – без разлика дали е во градскиот метеж, на отворен пат или при вршење на семејните должности.

Поврзано:   Златно Тркало 2021: Ова се финалистите!

Моделите како H6 ќе ни помогнат да ги надминеме предрасудите.

Полека но сигурно – особено благодарение на модели каков што е H6 – сите ние ги надминуваме предрасудите за кинеските возила. Да не се лажеме – индустриските капацитети на Кина се импресивни, а многу други производители можат да им позавидат за темпото со кое ги подобруваат своите продукти.

Всушност, истите предрасуди ги имавме пред само 20-тина години за корејските автомобили – но корејците упорно работеа и работеа – и стигнаа онаму каде што се сега.. Сега го гледаме истиот подем, но овој пат доаѓа од Кина. А по она кое можеме да го видиме и искусиме – подемот ќе биде значително, значително побрз.

Спецификации

Модел: Haval H6 2.0 GDIT Supreme
Мотор: 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 190 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 340 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4610 mm
Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1720 mm
Тежина: 1700 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2680 mm
Багажен Простор: 620 – 1290 литри
Потрошувачка: 11.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Haval H6 1.5 GDIT Comfort – 22.400 Евра
Цена на тестираниот модел: Haval H6 2.0 GDIT Supreme – 27.400 Евра
Повеќе Информации: Greatwall.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.