Новиот Porsche 911 GT3 повторно добива 4-литарски, врескачки атмосферски боксер, но моторот сега испорачува 510 коњски сили и 470 Nm вртежен момент – и може да се комбинира со мануелен или автоматски менувач!
Срцето на 911 GT3 секогаш ќе биде токму моторот – и токму затоа, и новиот GT3 ја продолжува традицијата и го задржува атмосферскиот мотор. Се работи за ревидирана верзија на моторот кој се вградуваше и во минатата генерација, но сега доработен да испорачува уште повеќе сила. Како и минатиот мотор, и овој мотор „врти“ до 9000 вртежи во минута, но сега испорачува 510 коњски сили и 470 Nm вртежен момент.
Силата се пренесува кон задните тркала преку 6-степен мануелен или седум-брзински PDK автоматски менувач. Доколку го одберете мануелниот менувач, вашиот 911 GT3 ќе забрза до 100 километри на час за 3.9 секунди, до 200 километри на час за 11.9 секунди и ќе постигне максимална брзина од 320 километри на час. Одберете го PDK менувачот и забрзувањето „до стотка“ паѓа на 3.4 секунди, до 200 километри на час за 10.8 секунди, а максималната брзина изнесува 318 километри на час.
Сепак, најважни кај 911 GT3 секогаш биле перформансите на тркачката патека – па новиот модел добива предна осовина директно преземена од тркачкиот (и победник на Le Mans) 911 RSR. Дополнително, добива и управување на задната оска со уште понапредни компоненти и специјални амортизери. Според Porsche, сето ова резултира со уште подобра стабилност во свиоци при високи брзини. Сето тоа е надополнето со поголеми, 408-милиметарски сопирачки кои се истовремено цели 17% полесни од досегашните.
Всушност, кога сме кај тежината – 911 GT3 добива олеснето стакло, полесен издувен систем од нерѓосувачки челик, полесен акумулатор и слично. Секако, многу компоненти се изработени од карбон и CFRP (Carbon Fibre Reinforced Plastic). Сето тоа значи дека 911 GT3 тежи само 1418 килограми во комбинација со мануелен менувач, односно 1435 килограми во комбинација со PDK.
Секако, новиот 911 GT3 ќе го препознаете по уникатниот, истовремено резервиран, но и агресивен аеро бодикит. Редизајнираниот преден браник, големиот заден дифузер како и големиот заден спојлер гарантираат одлични аеро-перформанси, а овие компоненти веќе се покажаа успешни кај 911 RSR. Според Porsche, новиот 911 GT3 генерира околу 50% повеќе потисна сила од својот претходник, дури и кога компонентите се во нивните фабрички подесувања, а при 200 километри на час потисната сила се зголемува за до 150%, но само во тркачките нагодувања на аеро компонентните, наменети само за тркачките патеки. А кога сме кај тркачките патеки, вашиот 911 GT3 ќе можете да го нарачате со специјален заштитен кафез кој е дел од Clubsport пакетот. Clubsport пакетот ќе биде достапен без дополнителна доплата, а го вклучува кафезот, но и сигурносен појас во шест точки за возачот, противпожарен апарат, како и прекинувач за физичко исклучување на акумулаторот.
Но што значи сето тоа за тркачките перформанси на 911 GT3? Со лансирање на моделот, Porsche објави дека новиот 911 GT3 направи круг околу легендарниот Nurburgring Nordschleife за само 6 минути, 59 секунди и 927 стотинки – подобрување од цели 17 секунди во однос на минатата генерација!
Ајде сега за ентериерот – и има причина зошто кабината на 911 GT3 се нарекува кокпит. Фокусот е на возачката позиција и сè околу неа. 911 GT3 добива Sport Plus седишта обвиени во црна кожа, а многу од панелите се обвиени во специјален Race-Tex материјал. Може да се нарачаат тркачки седишта кои потекнуваат директно од 918 Spyder. Овие седишта се изработени од карбон и тежат цели 12 килограми помалку од стандардните седишта, и може да се добијат во неколку различни бои.
Пред возачот е поставен новиот GT3 мултифункционален управувач со селектор на режимот на работа – кој овозможува префрлање меѓу Normal, Sport и Track режимите. Зад управувачот е конзолата со дигитален бројач на вртежите и специјален екран наменет за користење на тркачките патеки. Овој екран е наменет токму за оние кои сакаат да возат на тркачките патеки – на едната страна се прикажуваат нивото на гориво, температурата на маслото и притисокот на маското, а на другата страна температурата на разладната течност и информации околу притисокот во гумите, а дел од бројачот на вртежи е и индикатор за проимена на брзините.
Сакате нешто ексклузивно? Нема проблем, тука е Porsche Exclusive Manufaktur дивизијата која нуди над 70 можности за персонализација на вашиот 911 GT3 – карбонски детали, затемнети светлосни групи, специјални декоративни елементи или елементи во кабината…
Конечно, Porsche подготви и специјален часовник наменет само за сопствениците на 911 GT3 – Новиот GT3 Chronograph добива специјаен механизам од Porsche Design и часовникот ќе биде персонализиран за да биде налик конфигурацијата на возилото.
Лансирањето на нов 911 GT3 секогаш е важен момент, бидејќи токму 911 GT3 е бенчмаркот кој не само што ги поставува правилата во хиерархијата на Porsche, туку е и автомобилот со кој се споредуваат конкурентите. А кога еден модел е на таа позиција, тогаш…