ПРЕМИЕРА: McLaren Artura е плаг-ин хибриден супер-автомобил со 680 коњски сили и… Нема рикверц? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: McLaren Artura е плаг-ин хибриден супер-автомобил со 680 коњски сили и… Нема рикверц?

McLaren ја претстави Artura – која го отвара новото поглавје во приказната на британскиот бренд. Напредниот, импресивно-лесен плаг-ин хибриден супер-автомобил испорачува 680 коњски сили, но истовремено може да помине 30-тина километри на електрична енергија.

Пристапот на McLaren секогаш бил да се испорача што е можно полесен автомобил. Artura тежи само 1496 килограми – а тоа резултира со навистина импресивни перформанси ако земеме предвид дека дел од приказната е целосно нов (и целосно-алуминиумски) твин-турбо V6 кој испорачува 585 коњски сили, како и батериски модул и електромотор. Електромоторот испорачува дополнителни 95 коњски сили и 225 Nm вртежен момент, за вкупна, системска моќност од 680 коњски сили и 720 Nm вртежен момент.

А перформансите? Од нула до 100 километри на час, Artura забрзува за рамно 3 секунди. 200 километри на час пристигнуваат за 8.3 секунди а 300 километри на час за 21.5. Максималната брзина е над 300 километри на час, а Artura е воедно и најефикасниот McLaren во историјата на брендот – комбинираната потрошувачка на бензин е помалку од 6 литри на 100 изминати километри. А да – и може да помине до 30 километри на електрична енергија.

Во целата приказна огромен удел има и опсесијата на инженерите на McLaren да направат што е можно полесен автомобил. На Artura е работено четири години, а новата монокок карбонска шасија тежи само 82 килограми. Хибридните компоненти – батериите и електромоторот – тежат само 130 килограми. Напоменавме дека нов е и моторот – новиот 3-литарски твин-турбо V6 е потесен, покомпактен и полесен, а користи напредни технологии за изработка – меѓу кои и 3D печатење. Напредниот мотор врти до импресивни 8500 вртежи во минута за да испорача 580 коњски сили и 585 Nm вртежен момент.

Конечно, ајде малку и за менувачот – новиот менувач во Artura има 8 брзини со поблиску-поставени односи, но нема рикверц. За движење наназад, Artura едноставно го врти електромоторот во обратна насока. Логично решение, нели? Кога сме веќе кај електромоторот – ова е прв ваков електромотор вграден во сериски автомобил и тежи само 15 килограми, додека конвенционален електромотор би тежел двојно повеќе. Батеријата е со капацитет од 7.4 kWh и ѝ овозможува на Artura помине до 30 километри на електрична енергија, и тоа при брзини до 130 километри на час.

Поврзано:   McLaren го претстави отворениот Artura Spider

И одозгора на сето тоа, изгледа навистина одлично – всушност, би рекле дека ова ни е најубавиот модел на McLaren во моментов, а кабината едноставно привлекува со дизајнот, материјалите и технологиите. Сè е ориентирано кон возачот и наменето да испорача што е можно подобро возачко искуство. Па не би бил McLaren ако е поинаку, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.