ТУРБО ТЕСТ – Porsche 911 Carrera 3.4 – Остварување на сонот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ – Porsche 911 Carrera 3.4 – Остварување на сонот!

Секој човек треба барем еднаш во животот да седне зад воланот на автомобил со моторот на погрешно место. Првите неколку километри поминати зад воланот на 911 се своевиден аџилак за секој вљубеник во автомобилите, а ние поминавме малку време со најмладиот член на 911 лозата!

Сонувањето за автомобили е дел од секојдневието на секое дете. Додека растеме, сите ние имаме постери и сликички од автомобили и сонуваме за тоа како ќе ги возиме на овој или оној пат. Како ќе возиме волку или онолку брзо.. Но сепак, само еден автомобил можеше да го добие оноа почесното место ѕидот во мојата детска соба – само на еден автомобил можеше да му припадне главната локација, околу која ги прикачував сите други автомобили и ги споредував нивните перформанси со „моето“ Porsche.

porsche-911-carrera-interior1

Значи – да започнеме со најважните работи. Седам зад воланот на Porsche 911 Carrera. „Основниот“ 911, а тоа значи 3.4 литарски, 6-цилиндерски боксер мотор кој испорачува 350 коњски сили при 7400 вртежи во минута и 390 Nm вртежен момент при 5600 вртежи во минута. Автомобилот тежи 1400 килограми а силата се пренесува кон задните тркала преку PDK (Porsche Doppelkupplungsgetriebe – кажете го тоа набрзина три пати) менувач со двојна спојка. Преведено во перформанси, тоа значи дека 100 километри на час пристигнуваат за 4.6 секунди, односно 4.4 секунди ако го користите Launch Control механизмот во Sport+ режимот на работа. Мајко мила, тука зборуваме за основниот модел!

porsche-911-carrera-interior3

Зад воланот е изненадувачки комфорно и прегледно, па маневрирањето при ниски брзини е лесно. Оставете го селекторот на режим во Normal и автомобилот е тивок, суспензијата е мека и едноставно нема чувство дека седите во автомобил кој има перформанси од кои застанува здивот. Можам да се замислам како го возам овој прекрасен автомобил секој ден, без ниту малку страв. Секоја можна површина во ентериерот е обложена со квалитетни материјали, нема никакви несакани звуци (а имајте во предвид дека ова е „службен“ автомобил на Porsche кој е дел од Werkswagen ергелата и до сега има сменето многу возачи) и чувството на премиум не само што е неизбежно, туку е и сèприсутно. Првите неколку километри се тивки, зачудувачки смирени во Скопскиот метеж.

porsche-911-front1

Но кога се најдовме на отворен пат, со малку повеќе слобода, тука веќе станува очигледен двојниот карактер на Porsche 911. Добронамерниот Доктор Џекил се претвора во разбеснетиот Мистер Хајд и запознаваме целосно нов лик. Две-три притискања на некои од копчињата во ентериерот и автомобилот е подготвен за вистинската задача – преминуваме од Normal во Sport, па во Sport+ а суспензијата ја префрламе во најцврстиот режим на работа. Одзивот на педалата за гас е значително подобрен и поагресивен, се менува вбризгувањето на горивото во моторот и дополнително се отвора издувниот систем па автомобилот станува значително погласен и гневно заржува при секое притискање на педалата за гас, а PDK менувачот одржува повисоки вртежи – токму во оној распон каде силата е најдостапна!

Поврзано:   Имате малку време од еден до друг авионски лет? Porsche ќе ве префрли со 911 GT3 RS!

porsche-911-carrera-interior2

Со левата нога цврсто газам на педалата за кочење, а со десната нога интимно но длабоко ја запознавам педалата за гас со патосникот под неа. Автомобилот ми кажува дека Launch Control системот е подготвен. Со нагло, но мазно движење ја тргнувам левата нога од кочницата и тоа што се случува е ретко доживување! Јас, јас седам во Porsche 911 со активиран Launch Control и чувствувам како автомобилот (и јас во него) се катапултира нанапред. Автомобилот граби кон хоризонтот додека моите внатрешни органи се неколку стотици метри позади мене. Забрзувањето е брутално, непречено и линеарно. Ограничувањето на брзината толку брзо се надминува што едноставно станува ирелевантно. Брзини кои не само што се нелегални, туку би биле интересна тема на разговор меѓу момците во сино со месеци, стануваат секојдневни. Лесни. Автомобилот е стабилен, но звукот кој доаѓа од моторот и издувите предизвикува интоксикација и зависност. Сакам уште! Не сакам ова никогаш да престане!

porsche-911-turn

Се наближувам до свиоци и храбро му покажувам на 911 во која насока сакам да се движи – и автомобилот е послушен. Очекував дека заради погонот на задните тркала ќе има повеќе несогласување меѓу мене и прецизниот Германец – но работите се сосема спротивни. Треба навистина да бидам несоодветен зад воланот за да го извадам 911 од неговиот елемент. Сите оние што зборуваат дека 911 е нестабилен или опасен – можам само да ви кажам – замолчете веќе еднаш! Да, задниот дел е спремен да заигра кога вие ќе го побарате тоа од него, но во сите други услови, автомобилот се однесува неутрално, управувањето е директно и прецизно и ги пренесува сите информации кои се потребни. Инженерите навистина си ја завршиле работата – подуправувањето и надуправувањето се сведени на минимум, односно скоро и да не постојат. Надуправувањето се јавува во оној момент кога навистина ќе го предизвикате автомобилот, но и во тие услови 911 се однесува толку предвидливо и толку лесно се препознаваат границите, па автомобилот едноставно ви влева доверба во него и ве предизвикува да одите еден чекор понатаму.

Поврзано:   Porsche Taycan го надмина сопствениот рекорд на Nurburgring!

porsche-911-front2

Значи – спортски автомобил кој е подготвен да се справи со секојдневните предизвици на урбаното живеење. Дури има и задни седишта! Во ред, таму ќе собере патници само ако им ги отсечете нозете, па затоа не препорачуваме некој да се вози на задните седишта на подолги релации, но сепак тие се корисни и ќе најдат употреба при пократки релации и во секојдневното користење на автомобилот. Вистински, хируршки прецизен автомобил со две лица. Потрошувачка? Не успеав да измерам, се надевам дека ќе ми простите.

porsche-911-rear

Сега, додека седам и го пишувам ова, се обидувам да ги одберам вистинските зборови да ги пренесам моите импресии од моето прво вистинско искуство со Porsche 911. Додека ги гледам и одбирам фотографиите чувствувам како автомобилот ме влече и ме поканува повторно да се дружиме и да се обидеме да ги дознаеме и одбутнеме границите неколку чекори понатаму. Неколкудецениската континуирана еволуција на моделот, едноставно го има доведено до совршенство. Во мојата глава, постерот со Porsche 911 од детството гордо останува на главната позиција.

porsche-911-side

Ете, јас така го поминав мојот 30-ти роденден. Малото дете во мене е среќно. Си го остварив сонот!

  • 3.4-литарски бензински боксер мотор, шест цилиндри
  • Моќност: 350 коњски сили / 7400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 390 Nm / 5600 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 287 км/час
  • Забрзување 0-100: 4.6 секунди (4.4 секунди во Sport+)
  • Должина: 4491 mm
  • Ширина: 1808 mm
  • Висина: 1303 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2450 mm
  • Багажен простор: 135 литри (плус колку ќе успеете да сместите на задните седишта)
  • Потрошувачка: 9.0 (официјална, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Porsche 911 Carrera – 106.000 Евра (почетна цена)
Поврзано:   GTstreet R Touring е најновиот проект на Techart

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.