Volkswagen Amarok – Бизнис и задоволство во заедничко пакување. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen Amarok – Бизнис и задоволство во заедничко пакување.

Кога за прв пат слушнавме дека производителот на народни автомобили ќе проба да им ги измеша конците на веќе поставените и докажани модели од оваа категорија, бевме изненадени и не знаевме што да очекуваме.

Но кога ја имавме можноста да го повозиме Амарок по различен терен и во различни услови на експлоатација, нашите импресии се изненадувачки!

Запрашајте се – кога ќе помислите на пикап возило кое е ориентирано кон глобалниот пазар, на кое возило ви текнува? Токму така – ви текнува на веќе докажаниот (и омилен на разно-разни револуционерно-терористички групи од целиот свет) Toyota Hilux, големата Nissan Navara и робустниот Mitsubishi L200. Ова се модели со долгогодишно искуство во оваа класа и е навистина тешко да се појави достоен конкурент кој ќе успее да се докаже во ова тесно и успешно друштво.

За среќа, тоа не ги обесхрабри Германците, па Volkswagen од неодамна во својата понуда го нуди и Amarok. Името кое значи волк на Инуитскиот јазик веќе од самиот почеток наговестува за какво возило се работи, и за каква работа е наменето.

Но, да почнеме до почеток. Кога за прв пат ќе го видите Амарокот, ќе се изненадите – едноставно не ја очекувате неговата големина. На рекламните материјали и по рекламните билборди тој навистина не изгледа толку голем. Однапред го краси корпоративната предница и маска на ладилникот на VW, но адаптирана за оваа потреба, а страничниот профил е типично германски козервативен и елегантен. Големиот багажен простор го карактеризира задниот дел, а големото растојание од земјината подлога го прави да изгледа импресивен и импозантен во било која околина.

Но со самото отворање на вратите и седнување во внатрешноста, веќе знаете каде точно се наоѓате. Деловите во внатрешноста кои се преземени од корпоративната кутија делови на VW веќе сте ги виделе во Golf и некои други модели на Германскиот производител. Тоа значи воглавно одлични користени материјали и одлична ергономија. Некои од материјалите во внатрешноста не ни се допаднаа, но ако земеме во предвид која е намената на ова возило, можеби цврсти пластики се подобрата варијанта од меки гумирани или кожни површини кои само ќе страдаат од нечистотии. Но ни се допадна одличната седечка позиција, задоволителната прегледност, двозонската клима и мултимедијалниот уред чувствителен на допир (за кој не бевме сигурни дека припаѓа во вакво возило, каде што можеби ќе биде допирано со валкани раце). Амарок нуди многу простор, и во предниот и во задниот ред седишта, и комфорот е неоспорлив.

Опремен со дволитарскиот турбодизел агрегат кој веќе стана секојдневие во понудата на VW, Амарок располага со 163 коњски сили и импресивни 400 nm вртежен момент. Овој мотор возењето го прави смирено, иако природата на возилото налага значително навалување во кривини. Интересно е да напоменеме дека ова е всушност Би-Турбо мотор, со два турбополначи. Погонот на сите четири тркала ни помогна низ некои авантури надвор од асфалтираните патишта, и работи безпрекорно и без никаков напор. Но за возење низ град и за полесно паркирање во градските гужви, не разочара недостатокот на паркинг сензори одзади, или паркинг камера како што имаат некои од конкурентите.

Сепак, местото каде Амарок се издвојува од конкуренцијата е рафинираноста. Иако на моменти се чувствувате дека возите комерцијално возило, воглавно се чувствувате како да возите голем автомобил. Прегледноста, опременоста, рафинираноста и користабилноста се навистина одлично спакувани во еден (голем) пакет.

Секако, при изборот на ваков автомобил огромна улога игра и економичноста која ја нуди возилото. Фабричките податоци сугерираат потрошувачка од 7.9 литри на 100 изминати километри, а нашите мерења ни покажаа нешто малку над тоа, во различни услови на возење. Тоа е навистина задоволувачка бројка ако се земе во предвид големината, тежината и аеродинамиката на товарно возило.

И на крај, мораме да одговориме на прашањето кое ни го поставија неколкумина наши сопатници – на кому му е всушност наменет Амарок? Нашиот одговор е дека Амарок е совршен партнер на сите оние на кои им е потребен автомобил кој ќе се справи со сите задачи и побарувања кои можат да бидат поставени во текот на еден работен ден, било каде во светот, а на крајот на денот може да ги однесе дома во совршен комфор и мир.

Доколку сакате, можете да се придружите на дискусијата за VW Amarok на нашиот форум!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.