ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.7 GTX – 340 коњски сили и погон на сите четири тркала за спортската верзија на електричниот седан! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.7 GTX – 340 коњски сили и погон на сите четири тркала за спортската верзија на електричниот седан!

Volkswagen го претстави спортскиот ID.7 GTX кој ветува повеќе возбуда зад управувачот благодарение на погон на сите четири тркала, два електромотори и 340 коњски сили!

Минатата година Volkswagen ни покажа како би можела да изгледа спортска верзија на ID.7, во форма на ID.X Performance. Таа верзија имаше три електромотори и повеќе од 550 коњски сили, додека ID.7 GTX има „само“ 340. Но она кое сепак го добива се два електромотори – еден на предната, еден на задната оска – и вкупно 340 коњски сили и забрзување до 100 километри на час кое трае само 5.4 секунди. Сето тоа воопшто не е лошо.

Инаку, ID.7 GTX ја задржува батеријата со капацитет од 86 kWh која може да се полни со максимални 200 kW и да понуди автономија до 595 километри според WLTP мерењата.

ID.7 GTX ќе го препознаете по подинамичниот лик кој е резултат на поагресивните предни и задни браници, но и ексклузивните 20-инчни тркала. Кабината добива спортски седишта и детали, црвени шевови и цел грст други спортски елементи.

Секако, тука е 15-инчниот инфозабавен дисплеј кој е стандарден кај ID.7, како и сите други технологии кои Volkswagen веќе ги нуди кај електричниот знаменосец. ID.7 веќе пристигна и во Македонија, но ќе треба малку „да се стрпиме“ додека да пристигне и ID.7 GTX.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.