Македонска премиера на целосно-електричниот Volkswagen ID.7! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на целосно-електричниот Volkswagen ID.7!

Новиот електричен знаменосец на Volkswagen пред само неколку моменти ја имаше својата официјална, македонска премиера!

Новиот електричен ID.7 е првиот модел поставен на MEB платформата кој добива сосем нов електромотор. Како што веќе објавија од Volkswagen, без разлика на одбраната батерија, сите верзии на ID.7 ќе го добијат електромоторот со ознака APP550 кој испорачува 210 kW, односно 286 коњски сили – и со тоа е најмоќниот електромотор кој досега се вградил во некој ID-модел на Volkswagen.

„ID.7 e првиот глобален електричен модел на марката во средната класа на возила, со димензии и особини карактеристични за горниот дел од класата и за автомобилскиот пазар воопшто. Комбинираниот опсег од над 600 километри според WLTP, супериорниот погон, пространата внатрешност и врвните технологии го прават ID.7 удобна лимузина за патување на долги растојанија и отвораат нов сегмент за ID. семејството. Долг речиси пет метри, моделот има висококвалитетен изглед и подобрен концепт на ракување фокусиран на клиентите“ – истакна Продукт Менаџерот на Volkswagen Патнички возила, Камелија Кец.

Во ID.7, Volkswagen воведе надграден пристап кон секојдневното ракување и користење. Големиот електричен Volkswagen добива огромен, 15-инчен централно-поставен дисплеј, супер-напреден хед-ап дисплеј, нови лизгачки контроли и многу повеќе. Истовремено, Volkswagen ги потенцира и новите ErgoActive седишта со масажа, како и новиот паметен панорамски покрив кој лесно се префрла меѓу проѕирни и непроѕирни сегменти. Тука се и многуте системи за асистенција при патување, како и системот за размена на податоци меѓу возилата развиен заедно со CARIAD. ID.7 може и самиот да ја смени коловозната лента на автопат при брзини над 90 километри на час – а со тоа значително го олеснува возење.

Во однос на различните изведби и понуди, од Porsche Македонија најавуваат лесно конфигурирање. Достапни се неколку различни пакети кои ги носат најважните функционалности. Пакетот за внатрешност вклучува функции како што се електрични ergoActive комфорни седишта напред со мемориска функција и програми за масажа, функција за удобен влез и излез, прилагодлива поддршка за бутовите, пневматска лумбална поддршка плус амбиентално осветлување со 30 различни бои.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили!

Понатаму, тука е пакетот за внатрешност „Плус“ кој носи дополнителни воздушни перничиња и систем за озвучување Harman Kardon со дванаесет звучници плус централен звучник со вкупна моќност од 700 вати, дигитален засилувач со 16 канали и сабвуфер. Дополнително, премиум ergoActive седиштата нудат интелигентна контрола на климата на седиштата и активирање на лумбалната и карличната област.

Достапен е и опционален надворешен пакет, вклучувајќи функции како што се IQ-Light LED Matrix предни светла, затемнети задни стакла и функцијата за отворање и затворање на багажниот простор контролирана со сензор за лесно отворање и затворање.
Надворешниот пакет „Плус“ вклучува прогресивно управување и DCC адаптивна контрола на потпирањето, вклучувајќи избор на профили за возење.

„Севкупно, новиот ID.7 на најдобар начин ја заокружува понудата на Volkswagen во повисоките пазарни сегменти“ – заклучи Бренд Менаџерот Volkswagen Патнички возила, Александар Цветковски.

 

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.