ПРЕМИЕРА: Светска премиера во чест на 50-годишнината – Volkswagen го претстави освежениот Golf 8 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Светска премиера во чест на 50-годишнината – Volkswagen го претстави освежениот Golf 8

Volkswagen го претстави освежениот Golf за кој подготви погонски освежувања, но и естетски корекции и подобрувања во кабината.

Верувале или не, Golf годинава полни 50 години! Низ 50 години и 8 генерации, Golf одново и одново се наметнуваше како бенчмарк, како стандард во класата со кој се споредуваа конкурентите. Годинава, во чест на 50 години Golf, Volkswagen подготвува серија интересни новитети – а секако, сето тоа започнува со освежениот Golf 8.

Ајде да започнеме со измените во кабината. Освежениот Golf добива поголем централен инфозабавен дисплеј (10.4 инчен во основата варијанта, поголем 12.9-инчен кај моделите со повисоко ниво на опрема) со нова графика и целосно-нов интерфејс. А осветлени се и слајдерите за температура на клима-уредот! Во Европа купувачите ќе добијат и гласовен асистен кој соработува со ChatGPT за да комуникацијата со него да биде поприродна за корисниците.

Секако, тука се и новите дигитални инструменти поставени на 10.2-инчен екран кои имаат неколку различни режими на приказ. Истовремено, Volkswagen веќе објави дека физичките копчиња се враќаат кај Golf, откако беа хаптичките копчиња чувствителни на допир беа критикувани кога се појави осмата генерација.

Во однос на погонските опции, во понудата остануваат TSI турбо-бензинците кои ќе се комбинираат со мануелен менувач и кои нудат 115 или 150 коњски сили. Истите мотори но во комбинација со лајт-хибридна компонента и автоматски менувач и понатаму ќе ја носат ознаката eTSI, а моќта останува непроменета. Секако, тука е и 2-литарскиот TDI турбодизел кој нуди 115 или 150 коњски сили, кој се комбинира исклучиво со DSG автоматски менувач.

Важен новитет е значително надградената автономија на струја на плаг-ин хибридниот Golf GTE благодарение на поголемата батерија со капацитет од 19.7 kWh. Всушност, ова е истиот погон од новиот Tiguan, а тоа значи и нијанса поголема системска моќност од вкупно 272 коњски сили (во однос на 245 кај досегашниот модел). Благодарение на ова, автономијата на струја скока од 61 километар на околу 100 километри – според Volkswagen и WLTP мерењата.

Слично зголемување добива и Golf GTI, каде 2-литарскиот турбо-бензинец испорачува 265 коњски сили. Поради сè построгите ЕУРО норми, Golf GTI ја губи опцијата за мануелен менувач. Volkswagen најави дека во текот на годината ќе стигнат и помоќните и поексклузивни верзии – освежните Golf R и Golf GTI Clubsport.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID.7 GTX - 340 коњски сили и погон на сите четири тркала за спортската верзија на електричниот седан!

Во однос на визуелните измени – повеќето веќе ги знаеме бидејќи минатата седмица протекоа фотографии од освежениот Golf. Покрај затегнатите браници и новите предни светлосни групи, интересен новитет е и новото, осветлно VW лого поставен на предниот дел на новиот Golf. Секако, тука се и новите дизајни на тркалата и новите достапни бои. Како што е можеби и очекувано за Volkswagen – измените не се драстични, но се доволни за Golf и понатаму да изгледа современо и свежо.

Новиот Golf ќе пристигне наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.