Извршниот директор на групацијата Stellantis – Карлос Таварес откри дека два целосно нови модели на Fiat ќе бидат претставени до крајот на оваа година.
Таварес не откри многу детали за моделите, но изјави дека ќе бидат целосно електрични. Тука започнуваат шпекулациите дека едниот од нив би можел да биде Fiat-овата изведба на Jeep Avenger, кој исто така ќе добие и модел со ознака на Alfa Romeo.
Најверојатно ќе биде наречен Fiat 600 и ќе биде во форма на кросовер, а се очекува да биде претставен на 4ти Јули и да се произведува во фабриката во Полска.
Што се однесува до другиот електричен модел, идната генерација со дизајн инспириран од концептот Centoventi најверојатно нема да да биде претставена до идната година, па наместо неа Fiat би можел да дебитира ново Topolino, базирано на Citroen Ami, кој е исто така достапен како Opel Rocks-e.
Технички овие два модели не се сметаат за електрични возила во вистинско значење на зборот, бидејќи се категоризираат како четирицикли.
Кружат и гласини дека Fiat би можел да ја врати Multipla во вид на кросовер кој ќе ги замени моделите 500X и Tipo, но ништо од тоа не е официјално. Дури и тоа да е вистина, најверојатно нема да пристигне до средина на оваа декада.