full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави револуционерниот Ami!

Сакате супер-практичен, супер-достапен, градски микро-автомобил? Малиот Citroën Ami ќе можете да го купите за само 6000 евра, или пак месечно да го плаќате само 20 евра!

Пристапот кој Citroën го има со Ami е навистина револуционерен, но и разбирлив – бидејќи се работи за градски автомобил, тој треба да е мал, економичен и практичен. Ami е долг само 2.4 метри, широк 1.4 метри и висок 1.5 метри. Тоа го прави и помал и потесен од веќе малиот Smart Fortwo. Но тоа си има свои предности – тоа го прави Ami да биде исклучително маневрабилен и лесен за паркирање во градски услови.

Веднаш треба да биде јасно – ова е градски, урбан автомобил. Ami тежи само 485 килограми (и во таа бројка е вклучена и батеријата со капацитет од 5.5 kWh) и всушност е класифициран како четирицикл, но со целосно затворена и загреана кабина. Изгледот е тотално футуристички и концептски, а главниот акцент оди кај „двоспратните“ светлосни елементи, како и асиметричните врати кои се отвораат во спротивни насоки. Доколку сакате да го персонализирате вашиот Ami, ќе можете да одберете еден од шест пакети за персонализација.

Инаку, Ami е придвижуван од 8-коњски електромотор и неговата максимална брзина е ограничена на 45 километри на час. Батеријата овозможува автономија од 70 километри – што е повеќе од доволно за дневните потреби – и може да се наполни за само три часа на конвенционален „штекер“.

Citroën ќе им понуди на купувачите неколку различни опции околу купувањето на Ami. Ќе можете да го купите – на домашниот, француски пазар ќе чини само 6000 евра. Понатаму, ќе можете да го купите на лизинг – и со учество од 2644 евра и рок на отплата од 48 месеци, ќе плаќате месечно само 19.99 евра. Последната опција е најмувањето преку Free2Move платформата на PSA, преку која Ami ќе ве чини 0.26 евра за минута плус месечна претплата од 9.9 евра.

Поврзано:   Со производство на 10.000 вентилатори, PSA се вклучува во борбата со COVID-19!

Првите примероци ќе бидат испорачани на купувачите во Јуни.

Видео

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.