ТЕСТ: Fiat 500X 1.6 Mjet 120 Urban – Едноставно, припаѓа на урбаниот асфалт. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat 500X 1.6 Mjet 120 Urban – Едноставно, припаѓа на урбаниот асфалт.

Во класата во која 500X се натпреварува, конкуренцијата е многубројна и моќна – па токму затоа одлучивме да поминеме малку време со неговата Urban варијанта и да се потсетиме на неговите квалитети.

Со оглед на популарноста и легендарниот статус на малиот Fiat 500 (тука прочитајте го нашиот тест на 500 Rockstar, a тука на новиот, лајт-хибриден 500 Hybrid), воопшто не нè изненадува одлуката на Fiat да го прошири семејството на 500-модели. По незаменливиот 500, тука е кросоверот 500X, како и повеќенаменскиот 500L. Денес сме тука да зборуваме за (барем во нашите очи) поинтересниот 500X, и тоа во неговата нова, Urban изведба.

Fiat неодамна го освежи 500Х – моделот е сепак на пазарот од 2015, кога и за прв пат го возевме. Уште тогаш ни се допадна 500Х и рековме дека со оглед на популарноста на кросоверите и SUV моделите кај купувачите, сосем е логична одлуката на Fiat да понуди ваков шармантен кросовер.

Визуелните измени не се драстични, но ако нештото не е расипано, нема потреба да го поправаме, нели?

Со неодамнешното освежување, Fiat 500X добив редизајнирани браници, редизајнирани предни и задни светлосни групи, нови дизајни на тркалата и нови бои. Да, измените не се драстични – но ако нешто не е расипано, навистина нема причина да се поправа, нели? Сепак, има детали кои навистина ни се допаѓаат – како на пример редизајнираните задни светла со интересен потпис, кои сега уште повеќе наликуваат на оние кај малиот Fiat 500.

Ни се допаѓаат и предните LED дневни светла, како и сината боја на нашиот тестен модел – ваквите несекојдневни бои одлично му прилегаат на 500Х. Сепак, најверојатно би одбрале број-два поголеми тркала за сликата за урбан кросовер да биде целосна.

Поврзано:  Први фотографии и детали за новата Fiat Grande Panda!

Модерен, привлечен и практичен ентериер.

Одиме внатре. Во кабината препознаваме целосно нов управувач кој навистина ни се допаѓа, како и изменети контроли и нов мултимедијален уред поставен на централната конзола. Особено ни се допаѓа пластичниот панел поставен на предната конзола кој е во истата боја како и надворешноста – едноставно, го „разбива“ ентериерот и на 500Х му дава сосем поинаков, подинамичен лик. Десет поени!

Всушност, целата комбинација на материјали и текстури навистина ја издигнува кабината на повисоко ниво. Ни се допаднаа профилираните седишта обвиени во интересен текстил, како и ситните детали со алуминиумски дизајн. Ништо не е нападно, но истовремено, кабината има рафиниран и привлечен шарм.

На возачот и совозачот ќе им биде супер-комфорно, а прегледноста е одлична поради големите и високи стаклени површини. Командите се онаму каде очекувате да бидат, а ни се допаѓаат детали како „дводелниот“ управувач, како и овалната рачка од менувачот – толку едноставни, а толку привлечни и фраерски детали. Под мултимедијалниот уред на централната конзола се наоѓаат отвори за вентилација, веднаш под нив се физичките контроли за клима-уредот кои се супер-лесни за користење. На самото дно има два USB приклучоци, како и AUX приклучок за поврзување со мобилен телефон.

Секако, најверојатно нема да ви треба нешто толку „старошколски“ – одличниот мултимедијален уред овозможува лесно и едноставно поврзување со мобилен телефон, како и Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

На задните седишта има сосем доволно простор за двајца патници – како за нивните колена, така и за главите. Сепак, формата на 500X гарантира доволно простор. По потреба, ќе се сместат и тројца патници – но искрено, тоа би го препорачале само за пократки релации.

Поврзано:  Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda

Кога станува збор за багажниот простор, 500Х е меѓу во рамките на стандардот во својот сегмент – со исправени задни седишта, достапни ќе ви бидат 350 литри во багажникот, а ако ги спуштите задните седишта ќе добиете рамно 1000 литри достапни преку голем отвор – па внесување и поголеми предмети не би требало да е никаков проблем.

Нов, 1.6-литарски Multijet турбодизел со 120 коњски сили.

Нашиот тестен автомобил дојде со нов, 1.6-литарски Multijet турбодизел со 120 коњски сили. Овој мотор е еден од новите мотори кои Fiat ги понуди кај 500X со освежувањето – како на пример 1-литарскиот турбо-бензинец со 120 коњски сили, кој го пробавме неодамна во Renegade Night Eagle.

Новиот, 1.6-литарски турбодизел испорачува 120 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Во нашиот случај, силата ја пренесуваше кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Доколку сакате, можете истиот мотор да го комбинирате и со автоматски менувач со двојна спојка. За време на неколкудневното тестирање, измеривме градска потрошувачка која се движеше во рангот на 6 до 7 литри дизел на 100 изминати километри – и тоа строго во градски услови.

Перформансите не се воопшто лоши. Бенчмаркот од 100 километри на час се достигнува за 10.7 секунди, додека максималната брзина е сосем респектабилни 186 километри на час. Но убедливоста на 500Х и 1.6-литарскиот турбодизел доаѓа во меѓузабрзувањата и подготвеноста на моторот да го задвижи 1320 килограми тешкиот кросовер во сите услови и во сите степени на пренос. Сето ова го прави возењето лесно и опуштено.

Поврзано:  Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda

А кога сме кај возењето – за 500Х Urban имаме само пофални зборови. Од една страна успева да ги исфилтрира повеќето нерамнини од нашите улици, а од друга страна е доволно динамичен за да понуди и забава во возењето. Сигурни сме дека свој удел во комфорот имаат и 16-инчните тркала на нашиот тестен модел – и сигурни сме дека ќе биде направен некаков компромис ако се изберат поголеми тркала – но тоа е компромис кој ние сме подготвени да го направиме.

Има милион други компактни кросовери на пазарот – но ретко кој е толку забележлив како 500X!

500Х едноставно припаѓа на урбаниот асфалт. Формата, ликот, шармот – сè тоа е наменето да привлече внимание и да се наметне како привлечна, италијанска алтернатива. Да, конкуренцијата е бројна – на пазарот се нудат милион други компактни кросовери – но верувајте, ретко кој е толку забележлив како 500Х!

Спецификации

Модел: Fiat 500X 1.6 Mjet2 120 MT Urban
Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 120 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 320 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.7 секунди
Максимална Брзина: 186 километри на час
Должина: 4264 mm
Ширина: 1796 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1595 mm
Тежина: 1320 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2570 mm
Багажен Простор: 350 – 1000 литри
Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Fiat 500X 1.0 GSE 120 – 16.980 Евра
Цена на тестираниот модел: Fiat 500X 1.6 Mjet2 120 MT Urban – 19.550 Евра
Повеќе Информации: Fiat.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.