Што е всушност толку различно кај Fiat 600 Sport, што нè натера да мислиме дека токму оваа верзија е најверојатно вистинскиот избор кога станува збор за новиот кросовер на Fiat?
Уште кога пред неколку месеци за прв пат седнавме зад управувачот на Fiat 600, кажавме дека новиот кросовер има важна улога во новото поглавје на Fiat. Не само заради тоа што треба да продолжи онаму каде Fiat 500X застана, туку и директно да влијае на испишувањето на иднината на италијанскиот бренд.
Но што всушност значи ознаката Sport кај моделот за кој зборуваме денес? Измените се воглавно естетски, но сосем дволни за на Fiat 600 Sport да му дадат засебен и значително посамоуверен лик.
Посамоуверен дизајн и подоминантен став на улиците.
Измените започнуваат со предниот браник чиј долен дел сега е целосно во црна боја, па продолжуваат со 18-инчните тркала во сјајна црна боја и кровот кој е (погодувате) во црна боја. Кровот добива и нагласен црн спојлер, а приказната со црните детали ја заокружуваат задниот браник и црните рачки на вратите.
Ќе ги додадеме и црните Sport значки на крилата и одличната Acid Green зелена боја (која е резервирана само за Fiat 600 Sport) и севкупниот впечаток е навистина уверлив – овој Fiat 600 е значително подоминантен!
Кабина со поспортски дух и одлични седишта!
Океј, а како е внатре? Па повторно – многу внимание е посветено на деталите и сето тоа резултира со поспортска, подинамична атмосфера во кабината.
Она што веднаш се забележува е дека сите површини се во црна боја, а има и интересни детали. На пример, детали на управувачот се во сјајна црна боја. Ќе ги потенцираме и седиштата кои се обвиени во алкантара и имаат контрастни шевови. Не само што се навистина комфорни, туку и нудат одлична поддршка во свиоци, а истовремено го потенцираат карактерот на 600 Sport. Ни се допаѓа и новата декоративна пластика на арматурната табла.
Во однос на технологиите, и понатаму ова е оној Fiat 600 кој веќе добро го познаваме. А тоа значи дигитални инструменти пред возачот и голем централно-поставен мултимедијален уред наменет за повеќето функционалности во кабината. Uconnect системот доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување и работи прилично брзо.
Интерфејсот е прилично интуитивен и брзо ќе ги најдете сите функционалности кои ви требаат, а за поздрав се физичките контроли за клима-уредот поставени под него, како и физичкото „тркалце“ за аудио-уредот.
Немаме некакви забелешки ниту на просторот на задната клупа – тука комфорно ќе патуваат двајца патници, но за тројца е малку тесничко. Задната клупа е деллива во однос 60:40, а исто како и кај „обичниот“ Fiat 600 багажникот е со капацитет од 385 литри, односно повеќе од 1200 литри со преклопени задни седишта.
145 коњски сили и 8.5 секунди до 100 километри на час!
А дали ознаката Sport менува нешто кај погонот? Па и да, и не. Односно менува, затоа што Fiat 600 Sport е достапен само со 1.2-литарскиот хибриден турбо-бензинец од најновата Gen3 серија – а тоа значи вкупно 145 коњски сили и 230 Nm вртежен момент.
Во 6-степениот DCT менувач е интегриран електромотор кој асистира во урбано возење и при нагло забрзување, а сето тоа резултира со навистина интересни перформанси но и изненадувачка економичност. Од една страна, Fiat 600 Sport забрзува до 100 километри на час за 8.5 секунди и достигнува максимални 200 километри на час, а од друга страна забележавме просечна потрошувачка од околу 6 литри на 100 изминати километри!
Во секојдневно возење, погонот се покажа како навистина одлични. При стартување, паркирање и споро маневрирање неретко се вози на струја, а истовремено забрзувањата се доволно динамични за да бидат забавни.
Комфорен, но сепак динамичен
Fiat 600 Sport успева да ја „погоди“ и рамнотежата меѓу забавно управување и секојдневен комфор. Океј, нема никакви механички измени во однос на обичниот Fiat 600, но благодарение на гените, не се ни нешто особено потребни. Fiat 600 Sport успева да ги исфилтрира нерамнините од нашите улици, а притоа нуди доволно директно управување за да биде забавен кога патот ќе стане кривулест.
Секако, тука свој придонес имаат и поспортските пневматици на нашиот тестен модел, но навистина – Fiat 600 Sport е доверлив и предвидлив. Од свиок во свиок, Fiat 600 Sport ја менува насоката без особен приговор (и секако, и релативно ниската маса од само 1200 килограми придонесува кон оваа динамичност) или пренагласено навалување.
Заклучок? Ретро-модерниот кросовер сега ни се допаѓа уште повеќе!
Како што кажавме кога прв пат го возевме Fiat 600 – италијанскиот бренд многу добро знае да прави мали автомобили. Всушност, најверојатно најдобро од сите. Уште тогаш ни се допадна Fiat 600 – ни се допаднаа италијанскиот темперамент и идеалната ретро-модерна рамнотежа. Сега, во Sport изведба – сето тоа ни се допаѓа уште повеќе!
Спецификации
| Модел: | Fiat 600 1.2 Hybrid 145 AT Sport |
| Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV |
| Моќност: | 145 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 230 Nm / 1750 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 6 брзини |
| 0-100 км/ч: | 8.5 секунди |
| Максимална Брзина: | 200 километри на час |
| Должина: | 4171 mm |
| Ширина: | 1981 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1536 mm |
| Тежина: | 1205 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2557 mm |
| Багажен Простор: | 385 – 1256 литри |
| Потрошувачка: | 6.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Fiat 600 1.2 100 MT6 POP – 20.490 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Fiat 600 1.2 Hybrid 145 AT Sport – 27.200 Евра |
| Повеќе Информации: | Fiat.mk |
















































