Новиот извршен директор на Fiat, Арнауд Белони, смета дека италијанскиот бренд направил голема грешка со повлекувањето на Punto од пазарот – и најавува амбиции за враќање на популарниот хечбек!
Во интервју за францускиот L’Automobile Magazine, за време на Саемот на автомобили во Париз, Белони откри дека Fiat сериозно размислува повторно да влезе во сегментот на традиционални компактни хечбек модели, каде некогаш Punto беше еден од најпрепознатливите автомобили.

„Бренд како Fiat едноставно мора да има Punto во својата понуда“, изјави Белони, додавајќи дека повлекувањето на Punto му овозможило на Renault речиси непречено да го освои пазарот со Clio. Со повлекувањето на Ford Fiesta и отсуството на нова генерација на конвенционалниот Volkswagen Polo, конкуренцијата дополнително се намалила.
А токму тоа е територијата која Fiat сега сака повторно да ја освои!
Секако, Fiat веќе ја има Grande Panda, но според Белони, во понудата има место и за Punto. Двата модели би имале различни улоги – Grande Panda би останала фокусирана кон практичноста и достапноста, додека новото Punto би понудило подинамичен карактер, поголем комфор и повеќе разновидност при секојдневното користење.

Интересно е што новото Punto не би го следело ретро-дизајнерскиот пристап на Fiat 500 и Grande Panda. Напротив, Belloni смета дека токму ваков модел нуди поголема слобода за целосно нов, модерен дизајн, без потреба да се потпира на изгледот на претходните генерации.
Во однос на погонските опции, се очекува Fiat да понуди конвенционални бензински и хибридни изведби, а можна е и целосно електрична верзија. Благодарение на платформите кои веќе ги користат моделите на Stellantis, развојот на новото Punto би можел да биде значително поедноставен и поевтин.

Да се потсетиме, првото Punto беше претставено во 1993 година како наследник на Uno, а во 1999 пристигна втората генерација. Во 2005 дебитираше Grande Punto, чиј дизајн го потпишува легендарниот Џорџето Џуџаро. По неколку освежувања, производството конечно заврши во 2018 година, без директен наследник.
Засега нема официјална потврда за почеток на производство, ниту конкретен датум за премиера. Сепак, изјавите на новиот директор се можеби најсилниот сигнал досега дека Fiat е подготвен повторно да му даде шанса на Punto.



