ТЕСТ: Fiat 500 Hybrid – Одговор на прашањето за градски автомобил. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat 500 Hybrid – Одговор на прашањето за градски автомобил.

Малиот, хибриден Fiat 500 Hybrid го има вистинскиот одговор на градското возење – мал, ефикасен и беспрекорно шармантен… Зошто воопшто некој би гледал нешто друго?

Малите, градски автомобили се вистински суперхерои. Во време кога просечниот возач гледа да седне зад управувачот на што е можно поголем автомобил, малите градски автомобили како да стануваат невидливи. А всушност, токму тие се возилата кои навистина припаѓаат во градот – компактни по димензии, фантастични по практичност и ненадминливи по економичност. Очигледно – ние ги сакаме малите автомобили. Па ајде да зборуваме за Fiat 500 Hybrid.

„Но CARclub, зборувавме за Fiat 500 пред само неколку месеци“ – напоменува некој од задните редови. Да, така е – пред само неколку месеци зборувавме за Fiat 500 Rockstar, опремен со 1.2-литарски атмосферски бензинец. Многу ни се допадна 500 Rockstar. Многу. Всушност, впечатоците од него се сè уште свежи, а сега сèвкупните импресии се само зајакнати од 500 Hybrid.

Едноставен, но ефикасен лајт-хибриден систем

Добро, но што е 500 Hybrid? Хибридната изведба на Fiat 500 не е воопшто комплицирана – напротив, таа изненадува со својата едноставност, но истовремено ваквата имплементација нуди врвни резултати. Хибридната платформа започнува со нов, 1-литарски, три-цилиндерски атмосферски бензинец и нов 6-степен мануелен менувач, а понатаму продолжува со компактна батерија поставена под едното од седиштата која е поврзана со напреден стартер/генератор кој всушност нуди асистенција во возењето.

Атмосферецот нуди 70 коњски сили и 92 Nm вртежен момент. Во ред, во ред – бројките не се спектакуларни, но во соработка со стартер/генераторот и батеријата, Fiat 500 Hybrid нуди леснотија во возењето на која можат да позавидат многу покомплицирани и поскапи автомобили. Дополнителниот вртежен момент кој го овозможува хибридниот систем го олеснува забрзувањето, а со тоа значително ја намалува потрошувачката.

Поврзано:   Fiat најавува пет нови модели со пет супер-креативни концепти!

Океј, супер – но колку ја намалува потрошувачката? За време на нашето тестирање, ние измеривме просечна потрошувачка која се движеше во рамките на 6 литри на 100 изминати километри. Кога „згреавме столче“ и се обидовме уште повеќе да ја намалиме, стигнавме до просечна потрошувачка од 5.2 литри на 100 изминати километри – и тоа во град!

Целата комбинација овозможува забрзување до 100 километри на час за 13.8 секунди и максимални 167 километри на час.

Остануваме на ставот дека Fiat 500 е идеалниот градски автомобил.

Океј, зборувавме за ефикасноста – ајде сега за практичноста. Компактните димензии на 500 го прават да биде идеален градски автомобил. Всушност, токму поради компактните димензии лесно ќе се снајдете во градскиот метеж и многу, многу полесно ќе најдете паркинг место.

Кабината е комфорна, прегледна и практична. Се седи прилично високо, што пак овозможува одлична прегледност низ стаклените површини. На задните седишта нема премногу простор, но сосем доволно за кратки, градски релации. Во багажниот простор се пристапува преку голема врата, а багажникот нуди респектабилни 185 литри.

Контролите се прегледни и лесни за користење, а самото возачко искуство зад управувачот на малиот Fiat 500 е супер-забавно. Серво-управувачот е супер-лесен (особено со вклучен CITY режим, кој не гледаме зошто некогаш би го исклучиле), новиот менувач е прецизен и со одлично-одмерени степени на пренос, и некако… Убаво е да се седи тука!

Силата се пренесува кон предните тркала, а краткото меѓуоскино растојание прави да се чувствувате како да сте во многу, многу побрз автомобил – а тоа значи дека дури и при градски брзини, Fiat 500 има острина во движењето која – повторно – како да недостасува и кај многу поголеми автомобили.

Поврзано:   Луѓето ја сакаат Fiat Panda - Fiat им го дава на луѓето она кое го сакаат!

Но и опремата е како кај поголем автомобил!

Кога сме веќе кај поголемите автомобили – „нашиот“ Fiat 500 дојде со опрема како кај поголем автомобил.

Дојде со централно заклучување, клима уред, електрично задвижување на прозорците, грст воздушни перничиња, сите системи за активна и пасивна безбедност, систем за следење на притисокот во пневматиците, специјално-обвиени седишта, стаклен кров, темпомат, 16-инчни алуминиумски тркала…

Покрај тоа, дополнително имаше и надграден 7-инчен мултимедијален уред со навигација, Android Auto и Apple Carplay, но и сензори за дожд и светлина, задни паркинг-сензори…

Fiat 500 Hybrid е одговорот на прашањето за градски автомобил.

И сега, кој е всушност тој „градски проблем“ за кој зборуваме? Градскиот метеж, наоѓањето паркинг-место, потрошувачката, непрактичноста на големите автомобили… Сè е тоа дел од тој градски проблем, а ние мислиме дека токму Fiat 500 – особено во оваа хибридна изведба – е решението на тој проблем.

Компактните димензии, леснотијата на возењето и неизбежните насмевки зад управувачот, како и врвната ефикасност го прават да биде вистинскиот одговор на прашањето „Кој градски автомобил да го купам?“.

Спецификации

Модел: Fiat 500 1.0 70 HYBRID Launch Edition
Мотор: 1-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри, Mild Hybrid
Моќност: 70 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 92 Nm / 3500 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 13.8 секунди
Максимална Брзина: 167 километри на час
Должина: 3571 mm
Ширина: 1827 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1488 mm
Тежина: 1000 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2300 mm
Багажен Простор: 185 – 550 литри
Потрошувачка: 5.9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Fiat 500 1.0 Hybrid Lounge – 12.800 Евра (со промотивен попуст од 1.500 евра во моментот на објавување на овој тест)
Цена на тестираниот модел: Fiat 500 1.0 Hybrid Launch Edition – 16.281 Евра (со промотивен попуст од 1.500 евра во моментот на објавување на овој тест)
Повеќе Информации: Fiat.mk
Поврзано:   Fiat најавува пет нови модели со пет супер-креативни концепти!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.