ПРЕМИЕРА: Fiat Centoventi – Италијанска визија за мал електричен автомобил со импресивна модуларност – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Fiat Centoventi – Италијанска визија за мал електричен автомобил со импресивна модуларност

Како дел од прославата на 120-тиот роденден, Fiat го претстави Centoventi концептот – електрична дизајнерска студија со која Fiat ја најавува иднината на брендот.

Самиот збор Centoventi значи „Сто и Дваесет“ (колку кул звучи сè на италијански, нели?) и со овој електричен концепт Fiat ја демонстрира својата иновативност. Поточно, иновативноста доаѓа во кабината на Centoventi која овозможува лесно реконфигурирање во неколку различни распореди, а конзолата има специјални конектори кои овозможуваат да бидат додадени разни додатоци – а со тоа уште повеќе да се истакнат можностите за персонализација.

Инаку, Centoventi користи батериски модул кој може да се замени или надгради, и купувачите ќе можат да додадат дополнителни батериски модули по купувањето на автомобилот – и со тоа да ја зголемат неговата автономија. Инженерите на Fiat кажуваат дека Centoventi може да има автономија од 100 до 500 километри – сето тоа во зависност од избраната батерија.

Со Centoventi, Fiat ја промовира новата 4U програма за персонализација на Centoventi (и најверојатно и други модели кои во иднина ќе ги нуди). 4U нуди избор меѓу 4 кровови, 4 браници, 4 наплатки за тркалата и 4 надворешни обвивки. Интересно е што оваа програма не само што нуди можност да персонализација, туку нуди можност за промена на одбраните компоненти во било кое време. Можеби најинтересен детал тука се токму крововите – можете да го замените класичниот кров со сончев покрив, мек платнен покрив, кровни носачи, итн. Fiat планира да нуди многу вакви додатоци во иднина, дури и преку трети компании и добавувачи.

Од Fiat кажуваат дека евентуалната сериска верзија на Centoventi би била поставена на платформата на следниот Fiat 500 – кој потврдија дека ќе биде претставен на саемот во Женева следната година.

Поврзано:  Први фотографии и детали за новата Fiat Grande Panda!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.