Jeep ги објави сите детали за електричниот Avenger – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jeep ги објави сите детали за електричниот Avenger

Откако неодамна ги објави првите фотографии од Avenger, Jeep денес целосно го претстави новиот електричен SUV кој треба да пристигне на почетокот на следната година.

Малиот Jeep Avenger е поставен на e-CMP платформата на Stellantis која веќе се користи за неколку различни електрични возила кај неколку различни брендови од групацијата. Сепак, Avenger ја добива најновата итерација на оваа платформа со нов, предно-поставен електромотор кој испорачува 156 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Енергијата се складира и доаѓа од батерија со капацитет од 54 kWh.

Според официјалните изјави кои пристигнаа од Jeep, електричниот Avenger ќе може да помине до 400 километри со едно полнење на батериите во комбинирани услови, односно до 550 километри во урбани услови. Дополнително, со пристап до полнач со моќност од 100 kW, батериите ќе се полнат од 20 до 80% за 24 минути, односно 30 километри дополнителен досег ќе се додаваат за само 3 минути. Во домашни услови со полнач со моќност од 11 kW, батериите ќе се полнат за околу 5.5 часа.

На одредени пазари Avenger ќе се нуди и со 1.2-литарски турбо-бензинец. Претпоставуваме дека тоа е добро-познатиот 1.2-литарски турбо-бензинец кој веќе се вградува во модели на Citroen, DS, Peugeot и Opel кој испорачува 100 или 130 коњски сили. Секако, не смееме да заборавиме дека сепак тука зборуваме за Jeep, па можеме да очекуваме и импресивни теренски таленти – и покрај погонот на предните тркала. Аглите на пристапување и прекршување се 20 степени, додека аголот на отстапување е 32 степени. Avenger е оддалечен цели 20 сантиметри од подлогата, а ќе го добие и Selec-Terrain системот на Jeep кој нуди Normal, Eco, Sport, Snow, Mud и Sand режими на возење, како и систем за контролирано симнување по надолнини.

Во кабината преовладува дизајнерскиот пристап на Jeep, но во помодерно издание. Забележуваме дигитални инструменти пред возачот, како и напреден дигитален мултимедијален систем кој ја нуди најновата генерација на UConnect софтверот со можност за безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Дополнително, купувачите ќе добијат и автоматски клима-уред, автоматски предни светла, грст сензори и камери за паркирање и многу, многу повеќе. Тука се и системите за асистенција во возењето кои купувачите ги очекуваат.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Jeep Avenger 4xe e хибриден SUV со погон на сите четири тркала

Jeep Avenger ќе се произведува во фабриката на Stellantis во Тиши, Полска и ќе пристигне на пазарот на почетокот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.