ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави EQE SUV, кој воедно е и првиот електричен SUV на Mercedes-AMG – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави EQE SUV, кој воедно е и првиот електричен SUV на Mercedes-AMG

Новиот EQE SUV на Mercedes-Benz и Mercedes-AMG ги нуди истите технологии кои ги нуди и големиот EQS SUV, но во нијанса покомпактно пакување.

Новиот електричен SUV на Mercedes-Benz доаѓа во неколку различни конфигурации и со неколку различни погонски опции. Како што и очекувавме, во зависност од погонската конфигурација која ќе ја одберете, ќе добиете погон на задните или на сите четири тркала, моќност од 288 до 402 коњски сили и автономија до (импресивни) 590 километри.

Доколку тоа не е доволно, тука е EQE SUV на Mercedes-AMG. Ова е првиот електричен SUV од AMG-дивизијата и исто така ќе се нуди во неколку различни конфигурации, а најмоќната има 687 коњски сили. AMG понудата започнува со EQE 43 4Matic SUV кој има 476 коњски сили и 858 Nm вртежен момент. Скалило над него е EQE 53 4Matic+ SUV со 626 коњски сили и 950 Nm вртежен момент а на самиот врв е EQE 53 4Matic+ SUV со дополнителен AMG Dynamic Plus пакет кој овозможува Race Start и Boost функционалности. Оваа конфигурација нуди максимални 687 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент, како и катапултирање до 100 километри на час за 3.5 секунди и максимална брзина од 240 километри на час.

Инаку, EQE SUV тежи околу 2.6 тони и од Mercedes-Benz кажуваат дека пократкото меѓуоскино растојание го прави да биде поагилен од EQS SUV. Во ред, ќе им веруваме на зборот. Кабината ги нуди сите нови технологии кои Mercedes-Benz и Mercedes-AMG ги имаат во своето портфолио, вклучувајќи го и монументалниот Hyperscreen поставен пред возачот и совозачот. Важи новитети кои ги истакнуваат инженерите од Mercedes-Benz се аудио уредот со Dolby Atmos кој дебитира кај EQE SUV (и кој понатаму ќе се нуди и кај останатите модели на германскиот бренд), како и систем за филтрирање на воздухот со HEPA филтер – одлично за македонскиот зимски воздух.

EQE SUV ќе може да се полни со максимална моќност од 170 kW и инженерите напоменуваат дека со само 15 минути полнење ќе се дополни доволно „сок“ во батериите за да се поминат 220 километри. Истовремено, Mercedes-Benz дава гаранција од 10 години или 250.000 километри за батериите. Без разлика која конфигурација на EQE SUV ќе ја одберете, сите верзии ќе користат идентична батерија со капацитет од 90.6 kWh.

Поврзано:   Пристигна новиот Mercedes-AMG GT Coupe!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.