Opel подготви специјална серија од Corsa за нејзиниот 40-ти роденден – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Opel подготви специјална серија од Corsa за нејзиниот 40-ти роденден

Првата Corsa излезе од производната лента во 1982, па токму затоа Opel годинава ја слави нејзината 40-годишнина – дел од прославата е специјална едиција од Corsa произведена во само 1982 примероци!

Специјалната, лимитирана серија на Corsa ќе биде произведена во само 1982 примероци и сите ќе бидат во специјална боја наречена Rekord Red.

Оваа специјална црвена боја ќе биде дополнително истакната преку контрастни елементи во црна боја – црни ќе бидат кровот, како и декоративни елементи на автомобилот, рачката за отворање на багажниот простор, како и централно-поставената задна ознака Corsa. Црни ќе бидат и 17-инчните алуминиумски тркала кои имаат и мат-сиви детали.

Кабината комбинира носталгични елементи со модерни детали. Седиштата се обвиени во традиционален тартан материјал и ова директно асоцира на оригиналната Corsa A. Интересно е дека и купувачите ќе можат да го носат овој дизајн – со специјални чорапи во истиот тартан дизајн кои ќе ги добијат со славеничката Corsa. Дополнително, секој примерок на Corsa 40 Years ќе добие и засебна плакетка во кабината која ќе носи број од 0001 до 1982 со цел да се одбележи славеничкиот карактер на автомобилот.

Секако, Corsa 40 Years располага со сите напредни технологии кои Opel веќе ги нуди во Corsa – од системите за активна и пасивна безбедност, преку IntelliLux LED предните светла, па сè до дигиталните инструменти и модерниот мултимедијален уред со Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Corsa е еден од најпродаваните модели во историјата на Opel и овој јубилеј е навистина значаен. Најновата генерација на Corsa е вистински претставник на модерната мобилност и е достапен со конвенционални мотори, но достапна е и целосно-електрична верзија.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.