Пристигна освежениот Volkswagen T-Roc – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Пристигна освежениот Volkswagen T-Roc

Volkswagen неодамна подготви освежување за супер-популарниот T-Roc, а од денес фејслифтираниот кросовер веќе може да се погледне во салонот во Скопје.

Освежувањето на T-Roc започнува со редизајнирани предни светла и нов преден браник со нови, ремоделирани отвори за воздух. Моделите опремени со LED Matrix предни светла добиваат и хоризонтален LED светлосен елемент кој ги спојува, а оние кои се во пониско ниво на опрема исто така добиваат LED предни светла, но без Matrix технологија.

Понатаму, освежениот T-Roc добива и нови светла за магла, редизајнирани и дискретно затемнети задни светла со нова графика, како и нов заден браник. Од Volkswagen напоменуваат дека T-Roc добива и нови тркала во димензии од 16 до 19 инчи.

Освежување – и тоа прилично екстензивно – претрпе и кабината. Со мека површина и препознатливи шевови, новата табла носи модерни и висококвалитетни дизајни во внатрешноста на новиот T-Roc. Инфозабавниот систем сега е дизајниран како таблет и позициониран на контролната табла во линија на гледање со инструмент таблата зад воланот. Во зависност од опремата, инфозабавниот дисплеј е достапен со големина од 6.5, 8 или 9.2 инчи. Компактниот SUV на Volkswagen сега стандардно доаѓа со дигитална инструмент табла која е опционално достапна до големина од 10.25 инчи како Digital Cockpit Pro. Мултифункционалниот волан, кој исто така е дел од стандардниот пакет, има нов дизајн кој придонесува за интуитивната контрола на возилото.

Висококвалитетната облога на вратата од штоф сега е стандардна. Во линиите на опрема Style и R-Line, облогите на вратите и потпирачите за раце се со детали од кожа и се стилски дизајнирани со шевови, исто како и потпирачите за глава. Друга карактеристика на линијата опрема Style се централните панели на удобните седишта во ArtVelours. Во комбинација со R-Line пакетот за опрема, достапни се и врвни спортски седишта за возачот и за совозачот (претходно достапни само кај спортскиот T-Roc R), како дел од Nappa/Carbon Style кожениот пакет.

Поврзано:  Буба Клуб Македонија наполни 14 години!

Во однос на технологиите, T-Roc добива и понови системи за асистенција – тука е IQ.Drive Travel Assist системот кој вклучува предиктивен адаптивен темпомат и понов Front Assist и систем за следење на коловозната лента.

Освежениот T-Roc е достапен со два турбо-бензински и два турбодизел мотори. Во зависност од избраниот погон, 6-брзински мануелен менувач или 7-брзински DSG ја пренесува силата кон предната оска. Доколку сакате бензинец, достапни се 150 коњски сили од 1.5-литарскиот TSI мотор и 190 коњски сили од 2-литарскиот TSI. Доколку сакате турбодизел, тука се два 2-литарски TDI мотори кои нудат моќност од 116 и 150 коњски сили соодветно.

Како алтернатива на погонот на предните тркала, погонот на сите тркала 4MOTION во комбинација со дизел моторот од 110 kW (150 КС) обезбедува супериорен пренос на моќност, додека 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили е стандардно комбиниран со 4MOTION.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.