Audi RS Q8 е кросовер со огромна сила и беспрекорни перформанси, но доколку тоа не ви е доволно, тука е Manhart со пакетот RQ900.
Во стандардно издание, RS Q8 e погонуван од 4.0-литарски твин-турбо V8 агрегат, кој произвеедува 600 кс и 800 Nm вртежен момент. Manhart ги зголемува овие бројки на 905 кс и 1,180 Nm вртежен момент, со што станува уште посилен од останатите тјунинг пакети од Mansory и ABT Sportsline.
Со цел да ги постигне овие бројки, покрај препрограмирањето на компјутерската единица, инженерите на Manhart инсталирале Eventuri карбонски довод за воздух, нивен интеркулер, поголеми турбополначи и спортски издувни цевки со нови катализатори со поголем проток.
Тие исто така го надградиле автоматскиот менувач да може да го поднесе зголемениот вртежен момент. Manhart не објави бројки од перформансите, но очекуваме RQ900 да биде значително побрз од серискиот модел, кој забрзува од 0-100 км/ч за 3.8 секунди и има максимална брзина од 305 км/ч.
Визуелно, RQ900 e значително поагресивен од стандардниот RS Q8. Новите делови вклучуваат пошироки додатоци на страничните крила, преден сплитер, странични прагови, двоен заден спојлер и поизразен дифузер. Тука се и завршетоците на новиот издувен систем од не’рѓосувачки челик со дијаметар од 100 милиметри, а можат да се добијат со керамичка или карбонска облога.
Кросоверот е поставен на огромни 24-инчни Manhart „Classic line“ фелни во мат црна боја и златни венци, обвиени во 295/30 ZR24 пневматици напред и 355/25 ZR24 пневматици назад. Сериската воздушна суспензија е исто така спуштена за 30-40 милиметри, а Manhart нуди и опционални надградби за системот за сопирање, доколку не сте задоволни од карбонските-керамички дискови.
Ентериерот добива златни детали на инструмент панелот, централната конзола, вратите и воланот, за да одговара на екстериерот. Промените ги комплетираат новите патосници и новиот кожни тапацири со декоративни опшивки на повеќе места во кабината.
Доколку сте сопственик на Audi RS Q8 и сакате да го претворите во Manhart RQ900, ќе треба да платите 22,500 евра за дополнителните перформанси, 24,900 евра за бодикитот, 840 евра за налепниците, 9,900 евра за тркалата, 830 евра за суспензијата, 8,500 евра за издувниот систем и 29,900 евра за надградбите во ентериерот. Што значи дека во целост, конверзијата би ве чинела околу 67,400 евра, покрај цената на основниот автомобил.