full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi RS Q8 – Мега-SUV со 600 коњски сили!

Новиот мега-SUV на Audi сака да биде на тронот – и благодарение на моќниот 4-литарски V8 кој испорачув 600 коњски сили, веќе постави рекорд на Nurburgring!

Да, RS Q8 веќе ја има круната за најбрз SUV на Nurburgring – неодамна, големиот мега-SUV на Audi заврте круг околу „Зелениот Пекол“ за 7 минути и 42 секунди.

Во ред, но што всушност го придвижува RS Q8? Под поклопецот се крие голем, 4-литарски твин-турбо V8 бензинец кој испорачува 600 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Во комбинација со спортски-калибриран автоматски менувач и quattro погон на сите четири тркала, големиот (и 2.3 тони тежок) RS Q8 забрзува до 100 километри на час за 3.8 секунди и постигнува максимални 305 километри на час. Доволно?

Но тоа не е сè! RS Q8 добива и воздушна суспензија, управување на задните тркала и активни стабилизатори – а сето тоа резултира со динамично управување. Секако, големиот SUV мора да може да запре – а за тоа се задолжени големи, односно масивни сопирачки со дијаметар од 440 милиметри на предните, односно 370 милиметри на задните тркала.

RS Q8 ќе го препознаете благодарение на редизајнираните браници со гоооолеми отвори за воздух, задниот браник со интегриран дифузер и големи завршетоци на издувниот систем, како и – искрено, огромните – 23-инчни тркала обвиени во Continental SportContact 6 пневматици развиени специјално за најголемиот продукт на RS-дивизијата.

Според она кое го кажуваат од Audi, новиот мега-SUV ќе започне да се испорачува во првата четвртина од следната година. Плус, бојава е фантастична!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.