ТЕСТ: Škoda Kamiq 1.0 TSI 115 Ambition – Совршено му одговара на градот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Kamiq 1.0 TSI 115 Ambition – Совршено му одговара на градот!

По сè изгледа дека Skoda не само што во чекор ги следи трендовите – туку понекогаш успева и да го наметне темпото. Токму таков е случајот и со новиот, урбан кросовер – компактниот Kamiq!

Сегментот во кој Škoda ќе се натпреварува со Kamiq е супер-компетитивен. Токму тука, производителите се натпреваруваат за да ги привлечат купувачите кои од една страна ги следат трендовите и сакаат нешто фанки и нешто поинакво, а од друга страна сакаат практичен и комфорен семеен автомобил каде не се направени премногу компромиси.

Како и секогаш, Škoda настапува самоуверено – но пред сè, рационално. Од една страна, чешкиот производител успева во сегментот да воведе новитети кои обично ги очекуваме кај модели кои се сегмент-два поголеми и сегмент-два поскапи, а од друга страна успева сето тоа да го направи кај модел кој е убедливо најкомфорен и најпростран во класата – и сето тоа по компетитивна цена.

Kamiq е најхрабро-дизајнираниот модел во SUV-гамата на Skoda.

Естетски – Kamiq е можеби најхрабрно-дизајнираниот модел во SUV-гамата на Škoda. На предниот дел не можеме да не ги споменеме издвоените светлосни групи – дневните LED светла се поставени високо, додека примарните светлосни групи се издвоени и поставени пониско. И да – тоа се светла кои целосно користат LED технологија. На средината ја препознаваме веќе познатата форма на маската на ладилинкот на Škoda, додека кон долниот раб на браникот се истакнуваат широкиот отвор за воздух и декоративната лајсна во контрастна, сива боја.

Одтаму, работите стануваат малку поконвенционални – профилните линии се супер-остри и чисти, какви што и очекуваме кај еден ваков модел. Козервативните форми ветуваат многу простор во кабината, додека на задниот дел се истакнуваат големите задни светла, кои (исто како и предните) користат LED технологија. Задниот браник исто така добива декоративен елемент во сива боја, а сликата за практичен SUV ја заокружуваат кровните носачи.

Плус, нашиот тестен модел дојде со привлечни 17-инчни тркала и одлична Titan Blue сина боја која за прв пат се појавува токму кај Kamiq (и која ние „на галено“ ја нарековме Кофморни Фармерки Сина)– и во морето на бели, сиви и црни автомобили, му дава препознатлив лик!

Супер-просторна и комфорна кабина

Kamiq успева вистински да изненади во кабината. Како што и очекувавме – кабината е супер-просторна и комфорна, но Kamiq нè изненади со квалитетот на користените материјали во ентериерот. Скоро сè што ќе допрете во кабината е покриено со меки и квалитетни материјали – дури и некои површини кои вообичаено би очекувале да се изработени од покрута пластика. Да, во ред – има некои места каде пластиките би можеле да бидат нијасна помеки – но навистина, тие моменти се ретки.

Поврзано:   ТЕСТ: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline - Добро-позната, но сосем поинаква Škoda!

Седечката позиција, прегледноста и ергономијата се одлични. Благодарение на голееемите стаклени површини, прегледноста во Kamiq е на самиот врв во класата, а во кабината влегува навистина многу светлина. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, а и поставеноста на инструментите е добра. Имаме некои ситни забелешки – на пример, не ни е јасно зошто контролите за клима уредот се поделени меѓу физичките контроли на дното на централната конзола и екранот од мултимедијалниот уред на врвот на конзолата – но тоа се ситници и прилично лесно се навикнавме. Од друга страна, мултимедијалниот уред со дијагонала од 8 инчи е супер-респонзивен и нуди лесно поврзување со секаков паметен телефон.

Но сепак, Kamiq не би бил вистинска Škoda ако не нуди рекордна просторност – и токму тоа е случајот. На задната клупа Kamiq има место како во значително поголем автомобил, без притоа да е направен компромис во однос на багажниот простор. На задната клупа комфорно ќе седат двајца патници и ќе имаат повеќе од доволно простор како за колената, така и за главите, а багажникот нуди зафатнина од 400 литри, кои растат на одлични 1395 литри кога ќе ја спуштиме задната клупа. Во кабината има и мал милион места за одлагање ситници – во вратите, под седиштата, во централната конзола…

Секако – ги добивате и очекуваните практични додатоци. Тука е чадорот во возачката врата, гребалката за снег и мраз поставена кај полначката за гориво, држачот за паркинг-картички на ветробранското стакло и уште пар други Simply Clever ситници.

1-литарскиот TSI со 115 коњски сили е моторот кој треба да го одберете

Инаку, нашиот тестен модел дојде опремен со веќе добро-познатиот 1-литарски TSI турбо-бензинец кој испорачува 115 коњски сили и 200 Nm вртежен момент. Малиот, три-цилиндерски турбо-бензинец не само што ги исполнува најстрогите Euro VI d-TEMP, туку истовремено успева да понуди и повеќе од респектабилни пеформанси.

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Секако, силата ја пренесува кон предните тркала – во овој случај преку супер-прецизен шест-степен мануелен менувач со одлично одмерени степени на пренос – и овозможува 100 километри на час за 9.9 секунди и максимална брзина од 195 километри на час. Истовремено, ниту потрошувачката не е лоша – за време на нашето тестирање ние измеривме просечна потрошувачка од околу 8 литри бензин на 100 километри во градски услови.

Урбаната џунгла е домот на Kamiq

Кога сме кај возењето низ град – време е да напоменеме дека Kamiq одлично се справува со градските предизвици. Како што веќе напоменавме, прегледноста е одлична  – а тоа резултира со лесно маневрирање во сите ситуации. Малиот турбо-бензинец подготвено одговара на секое притискање на педалата за гас – и едноставно, возењето е лесно. Суспензијата успева скоро идеално да ги исфилтрира нерамнините од нашите улици – па и комфорот вреди да се истакне.

А на отворено? Некоја особена бучавост нема – дури и на повисоки брзини лесно муабетевме без да треба да го повишуваме гласот – а тоа е дефинитивно за поздрав.

Опрема и безбедност?

Пред самиот крај, ајде малку за безбедноста и опремата во Kamiq. EuroNCAP веќе го тестираше Kamiq, и тој освои максимални пет ѕвездички. Како дел од стандардната опрема ќе добиете еден куп системи за активна и пасивна безбедност, како и мал милион воздушни перничиња. Секако, тука се и неизбежните ISOFIX точки за фиксирање на детски седишта.

Нашиот тестен Kamiq дојде во Ambition ниво на опрема, која вклучува електрично заклучување со далечинско, електрично задвижување на прозорците, клима уред, LED предни и задни светла, систем за асистенција при стартување на нагорнини, Front Assist и Lane Assist системи, мал кожен пакет, предни и задни магленки, и уште мал милион други ситници. Во однос на дополнителната опрема, ги истакнуваме хромираните лајсни околу страничните прозорци, автоматското затемнување и преклопување на страничните ретровизори, CLIMATRONIC автоматскиот клима уред, одличните 17-инчни тркала, големиот 8-инчен мултимедијален уред со 8 звучници (кој патем, звучи одлично!), итн, итн…

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Заклучок – Kamiq навистина поставува нови стандарди во класата.

Малите, градски кросовери се вистински хит меѓу купувачите – тоа е вистина која не може да се негира. Škoda успева со својот играч да наметне нови стандарди – како во однос на просторната понуда и опременоста, така и во однос на комфорот, практичноста и безбедноста. Kamiq е „како дома“ во урбаните средини – тој е лесен за возење, комфорен и модерен. А тоа е тоа што се бара.

Спецификации

Модел: Škoda Kamiq 1.0 TSI Ambition Plus
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 200 Nm / 2000-3000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 195 километри на час
Должина: 4241 mm
Ширина: 1988 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1553 mm
Тежина: 1215 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2651 mm
Багажен Простор: 400-1395 литри
Потрошувачка: 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Kamiq 1.0 TSI 95 Ambition – 15.170 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Kamiq 1.0 TSI 115 Ambition Plus – 17.970  Евра
Повеќе Информации: Skoda.com.mk

Димензии

Фотографии

Фотографија: CARclub.mk & Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.