full screen background image
Search

Stellantis ќе инвестира 30 милијарди Евра во трансформација и електрификација!

Stellantis ги потврди своите планови – најави дека забрзано ќе работи на електрификација на сите 14 брендови кои се дел од групацијата и дека сето тоа ќе чини 30 милијарди Евра!

Плановите на Stellantis се амбициозни – со оглед на големото портфолио на новиот мега-конгломерат кое вклучува 14 брендови, масивниот подвиг делува навистина импресивно. Според најавениот план, новите возила на брендовите ќе бидат базирани на четири различни платформи наменети исклучиво за електрични возила, а платформите ќе се нудат во три конфигурации и ќе нудат стандардизирани батериски модули. Сето ова има една амбициозна цел – а тоа е вкупната цена на поседување електрично возило да биде израмнето со цената на поседување возило со конвенционален мотор со внатрешно согорување – и тоа да биде реалност од 2026!

Во моментов, само 14% од продадените возила на брендовите на Stellantis во Европа се електрични или хибридни. Stellantis сака таа бројка да порасне до 2030 – и тоа на значителни 70% во Европа. Статистиките се слични (но нијанса поконзервативни) и во САД – таму 4% од продадените возила во моментов се електрифицирани, а амбициите се таа бројка да достигне 40%.

Stellantis во моментов работи на развој на четири целосно-електрични и флексибилни платформи кои ќе бидат основа за идните возила. Возилата ќе нудат три различни погонски модули и ќе можат да добиваат over-the-air надградби. Според најавеното, платформите ќе се викаат STLA Small, STLA Medium, STLA Large и STLA Frame. малата платформа ќе нуди автономија до 500 километри, средната до 700, додека големата и комерцијалната/теренската платформа ќе нудат автономија од 800 километри. Во зависност од конфигурацијата, ќе биде достапен погон на предните, задните или на сите четири тркала, како и 4xe погонот на Jeep. Според плановите на Stellantis, секоја платформа ќе може да биде произведена во до 2 милиони примероци годишно.

Поврзано:   Abarth подготви уникатен 1000 SP!

Производните линии ќе бидат поддржани од пет огромни фабрики во Европа и Америка, како и надворешни добавувачи. Вкупниот капацитет ќе биде 130 GWh годишно до 2025-тата година, односно дури 260 GWh до 2030. Ова ќе придонесе и за намалување на трошоците за производство на батериски модули за 40% до 2024, односно дополнителни 20% до 2030.

Меѓу другото, Stellantis направи и неколку значителни објави – Opel ќе стане електричен бренд до 2028 а Fiat ќе престане со продажба на возила со мотори со внатрешно согорување во Европа до 2030. Lancia ќе добие три нови електрични модели, а Maserati и Jeep ќе лансираат електрични верзии на сите возила кои ги нудат. Секако, Dodge ќе лансира нов електричен мускулест автомобил, а Abarth ќе стане електричен бренд фокусиран на перформансите. Истовремено, Stellantis објави и нови слогани за своите брендови.

  • Abarth – “Heating Up People, But Not the Planet”
  • Alfa Romeo – “From 2024, Alfa Becomes Alfa e-Romeo”
  • Chrysler – “Clean Technology for a New Generation of Families”
  • Citroën – “Citroën Electric: Well-Being for All!”
  • Dodge – “Tear Up the Streets… Not the Planet”
  • DS Automobiles – “The Art of Travel, Magnified”
  • Fiat – “It’s Only Green When It’s Green for All”
  • Jeep – “Zero Emission Freedom”
  • Lancia – “The Most Elegant Way to Protect the Planet”
  • Maserati – “The Best in Performance Luxury, Electrified”
  • Opel/Vauxhall – “Green is the New Cool”
  • Peugeot – “Turning Sustainable Mobility into Quality Time”
  • Ram – “Built to Serve a Sustainable Planet”
  • Commercial Vehicles – “The Global Leader in e-Commercial Vehicles”


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.