Alpine најавува електричен купе-седан, спортски компакт и наследник на А110 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Alpine најавува електричен купе-седан, спортски компакт и наследник на А110

Спортскиот бренд на Групацијата Renault, претстави најавни скици за нивната претстојна гама на електрични спортски и премиум модели, кои доаѓаат во вид на купе-седан, спортски компакт и спортски автомобил.

Во тек на актуелниот „EWays Electro Pop“ настан, извршниот директор на групацијата Renault – Лука Де Мео изјави дека првиот електричен модел со високи перформанси ќе биде претставен во 2024.

Моментално, палетата на модели на Alpine е ограничена само на спортскиот A110, кој е достапен во неколку изведби. Според магазинот Autocar, тој ќе биде заменет од целосно нов електричен спортски автомобил, кој моментално е во развој во соработка со Lotus.

Според затемнетата најавна скица, може да се забележи дека ќе ги задржи пропорциите на спортско купе со средно-поставен мотор и ќе има ниска линија на кровот со истакнати облини. Очекуваме подобрени перформанси, благодарение на електричниот погон и активна суспензија која ќе нуди агилно, но удобно управување.

Интересен додаток на гамата на Alpine е спортскиот компактен модел, кој очигледно ќе се базира на претстојниот електричен Renault 5. Тој е опремен со поголем заден спојлер, отвор за вентилација над поклопецот и дополнително осветлување на предниот браник, слично како историскиот Renault 5 Turbo од 80тите.

Спортскиот компакт на Alpine ќе биде базиран на CMF-BEV платформата, која е еволуција на платформата CMF-B што ја користат повеќе модели од Б-сегментот на групацијата Renault како Renault Clio, Nissan Micra и Dacia Sandero. Според Renault, таа ќе биде 33% поефтина за производство во споредба со актуелната генерација на моделот Zoe, а ќе нуди опсег до 400 километри.

И на крај, Alpine ќе лансира и премиум купе-седан кој ќе се натпреварува со Porsche Taycan, Tesla Model S и Audi e-tron GT. Ќе биде базиран на новата CMF-EV платформа развиена за модели од Ц и Д-сегментите на брендовите од групацијата Renault како Nissan, Alpine, Mitsubishi, Dacia и Lada.

Според Renault, Новата Архитектура ќе нуди подобрено возачко уживање благодарение на пониската тежишна точка, идеална распределба на тежината, мулти-линк задна суспензија и брзо и директно управување. Француската компанија најавува импресивни перформанси, голем простор и електричен опсег до 580 километри.

Повеќе информации ќе бидат објавени пред доаѓањето на 2024, кога најверојатно ќе биде претставен и концептен автомобил.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.