full screen background image
Search

Tesla Model S го доби својот официјален фејслифт

Популарниот електричен автомобил доби освежување, со што ги следи дизајнерските насоки на своите браќа – Model X и новиот Model 3.

Веднаш се забележува новата предна маска која сега нема никаков отвор за воздух – па дури ни лажен каков што имаше досега. Познавачите ќе забележат и нови LED предни светла. Во ентериерот купувачите добиваат и нови опции за седишта со загревање и вентилација, а од сега ќе можат да добијат две нови изведби од дрво за обложување на ентериерот.

tesla-model-s-facelift-interior

Секако, тука се и разно-разните пакети на опрема кои Tesla ги нуди, како што е Premium Upgrade пакетот кој нуди Nappa кожа во ентериерот, кровен тапацир од Алкантара, LED амбиентално осветлување, HEPA медицински филтер за воздух во кабината, и уште многу, многу други ситници.

tesla-model-s-facelift3

Во понудата остануваат различните пакети на моќност. „Основниот“ модел е S 70 кој доаѓа со електромотор кој испорачува 315 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Со овој мотор Tesla Model S забрзува до 100 километри на час за 5.5 секунди и постигнува максимална брзина од 225 километри на час. Над него е S70 D кој нуди 328 коњски сили и 524 Nm вртежен момент. Чекор погоре е 90 D изведбата која има два мотори и нуди 417 коњски сили и 657 Nm вртежен момент, благодарение на кои Tesla Model S може да забрза до 100 километри за само 4.2 секунди.

tesla-model-s-facelift2

На самиот врв на понудата е Model S P90 D кој исто така има два електромотори и нуди комбинирана моќност од 463 коњски сили и неверојатни 966 Nm вртежен момент – и со сето тоа може да постигне 100 километри на час за само 3.1 секунда и да постигне 250 километри на час. Но додајте го на тоа и Ludicrous режимот, па моќта расте на 532 коњски сили, а времето потребно да се постигнат 100 километри на час се намалува на 2.8 секунди – слично на Bugatti Veyron!

Поврзано:   Одличен старт на продажбата на Tesla Model 3 во Европа


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.