full screen background image
Search

ТЕСТ: Dacia Sandero Stepway 1.0 TCe 90 Comfort – Dacia созреа!

Со најновата генерација на модели, Dacia оди чекор понатаму и веќе храбро стои рамо до рамо со својот француски принципал, а ние се дружевме токму со еден од најпопуларните модели – новиот Sandero Stepway.

Равенката на Dacia до неодамна беше мааааалку поинаква. Моделите на романскиот бренд користеа генерација-две стари, но докажани платформи од Renault и тоа беше еден од начините да се постигне пониска цена. Но Dacia созреа и принципалот препозна дека е време тој пристап да се напушти и да му се дозволи на романскиот бренд да напредува и гордо да застане на едно скалило погоре на хиерархијата во алијансата.

Нова платформа.

CMF платформата на Renault-Nissan алијансата се користи во неколку изведби и неколку димензии. Во суштина, нејзината модуларност ѝ овозможува да се користи за многу различни модели – од големи теренци, па сè до најмалите модели на алијансата. Преку ова Renault постигнува значителни заштеди од една страна, а од друга страна овозможува и ценовно-осетливите модели (какви што се моделите на Dacia) да добијат технологии од значително поскапи автомобили.

Па така, новиот Dacia Sandero е базиран на LS спецификацијата на CMF-B платформата. Оваа спецификација директно ја делат новите Dacia Logan и Sandero, но е многу близу до CMF-B HS спецификацијата која ја користат Renault Clio и Captur, како и новиот Nissan Juke. Одлични гени, значи! Тоа пак овозможува Sandero да има пристап до најновите погонски единици, но и врвните нови технологии кои алијансата ги нуди.

Современ, привлечен дизајн!

Сепак, ајде да започнеме со дизајнот. Новиот Sandero Stepway изгледа навистина, навистина привлечно. Dacia полека но сигурно ги напушта малку здодевните форми и линии и воведува значително помодерен дизајн.

На предниот дел ни се допаѓаат светлосните групи кои се интегрирани во маската на ладилникот, како и сивиот заштитен панел под браникот. Околу целиот автомобил има црни заштитни панели кои на Sandero Stepway му даваат значително поробустен лик, а на задниот дел вниманието оди кон задните светла и централно-поставената значка на Dacia.

Поврзано:   Renault е следниот бренд кој ќе го промени своето лого

Профилот е интересно дефиниран благодарение на мускулестите форми околу тркалата, а на кровот добиваме кровни носачи. Сè на сè, Sandero Stepway изгледа навистина привлечно и во ниту еден момент не е здодевен.

Има и детали кои се вистински ретки, особено во оваа ценовна категорија – на пример, Sandero Stepway добива LED предни светла како и дневни LED светла во Y-форма кои изгледаат навистина добро.

Созреана, практична и просторна кабина.

Созревањето на Dacia продолжува и во кабината на новиот Sandero. Stepway спецификацијата со себе носи и интересни детали во кабината. Ја отвораме вратата и нè пречекуваат комфорни седишта со контрастни шевови и извезени STEPWAY амблеми. Сличен текстил е искористен за да се покријат уште неколку површини – како на пример делови од вратите, но и конзолата пред возачот и совозачот.

Ни се допадна отсуството на сјајно-црна пластика (која прави дури и скапите автомобили да изгледаат супер-евтино), како и контрастните елементи во бронзена боја кои се дел од Stepway пакетот.

Пред возачот се поставени аналогните инструменти кои се лесно-читливи, а на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред. Еден практичен детал кој мораме да го споменеме е држачот за мобилен телефон поставен веднаш до централниот мултимедијален уред, под кој има и USB-приклучок кој се користи за полнење, но уште поважно за Android Auto и Apple CarPlay поврзувањето. Централниот мултимедијален уред реагира брзо на сите команди и навистина ни се допадна. Би сакале класична „врталка“ за потивко-погласно, но тоа е навистина ситна забелешка.

Немаме преголеми забелешки ниту на материјалите во кабината. Да, наместа ќе забележите цврсти пластики – но со оглед на цената по која се добива Sandero Stepway, тоа и не е преголем проблем.

Просторната понуда е сосем задоволителна, како на предните седишта, така и на задната клупа која е меѓу најпросторните во класата. Сепак, ќе напоменеме дека не би препорачале тројца да патуваат на задната клупа, особено на подолги патувања.

Поврзано:   Пристигна целосно-новиот Dacia Sandero Stepway!

Задната клупа е преклоплива – секако – а во зависност од нејзината позиција ќе имате на располагање меѓу 328 и 1108 литри капацитет на багажникот. Мораме да ги напоменеме и модуларните кровни носачи кои можат да бидат поставено надолжно или попречно, во зависност од потребите – и со тоа целосно се елиминира потребата да се купуваат дополнителни компоненти – едноставно, практично и рационално!

Три-цилиндерски турбо-бензинец со 90 коњски сили.

Како е зад управувачот на Dacia Sandero? Комфорно и опуштено. Малиот, 1-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец испорачува 90 коњски сили од 4600 до 5000 вртежи во минута, како и 160 Nm вртежен момент од 2100 до 3750 вртежи во минута. Односните на брзините се очигледно „наштелувани“ за градско возење и моторот лесно го задвижува Sandero во сите градски ситуации. Менувачот е прецизен и со краток од, а педалите се меки и пријатни за користење. Од далеку се забележува дека леснотијата на секојдневното користење била приоритетна.

Официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 12 секунди, како и максимална брзина од 172 километри на час, но во секојдневното возење тие бројки како да се значително подобри. Малиот три-цилиндарец завртува лесно и ентузијастички, а при нормално возење забележавме потрошувачка која не надмина 8 литри на 100 изминати километри во градски услови. Секако, тука се оние препознатливи карактеристики на мотор со три цилиндри – типичниот три-цилиндерски звук, како и минималните вибрации од моторот – но тоа само му додава шарм на Sandero.

Не очекувајте спортски карактеристики – Sandero Stepway е темелно комфорен автомобил.

Кога сме веќе кај возењето во град – Sandero прави тоа да биде навистина лесно. Прегледноста е одлична благодарение на големите прозорци а маневрирањето и паркирањето е дополнително олеснето благодарение на сензорите и паркинг-камерата. Електричното серво-управување е супер лесно а суспензијата успешно ги впива нерамнините од улиците без да пренесе скоро никакви вибрации во кабината.

Поврзано:   Златно Тркало 2021: Ова се финалистите!

Бензинецот се однесува сосем коректно и на отворен пат и овозможува комфорно крстосување, но сепак за ефективно претекнување ќе треба да отидете степен-два надолу со менувачот. Патувањето со Sandero е замислено да биде комфорно – па не очекувајте врескачки перформанси. Ќе напоменеме дека би посакале и уште малку звучна изолација во кабината, особено на повисоки брзини.

Sandero Stepway e скалило погоре во хиерархијата на нештата.

Ако го земеме предвид сето тоа, станува јасно зошто кажуваме дека Dacia созреа. Новиот Sandero Stepway нуди модерен дизајн, одлична просторна понуда и еден куп практични решенија, а понудата ја заокружува со повеќе-од-доволен турбо-бензинец. За оние кои сакаат да заштедат уште повеќе, тука е и опцијата за фабрички LPG уред, а може да се добие и CVT автоматски менувач.

Сето тоа значи дека Sandero Stepway е навистина зрел продукт, кој – како што напоменавме – е отиден скалило погоре во хиерархијата на нештата. А истовремено, може да се добие по навистина привлечна цена, дури и вака „топтан-опремен“. Всушност, односот вложено-добиено е цврсто на страната на Sandero. А тоа? Тоа е навистина за поздрав.

Спецификации

Модел: Dacia Sandero Stepway 1.0 TCE 90 Comfort
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 90 коњски сили / 4600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 160 Nm / 2100 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 12 секунди
Максимална Брзина: 172 километри на час
Должина: 4099 mm
Ширина: 2007 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1587 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1096 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2604 mm
Багажен Простор: 328 – 1108 литри
Потрошувачка: 7.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Dacia Sandero Stepway Access 1.0 TCe 90 – 11.950 Евра
Цена на тестираниот модел: Dacia Sandero Stepway 1.0 TCе 90 Comfort – 13.750 Евра
Повеќе Информации: Dacia.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.