ПРЕМИЕРА: Електрични, спортски и прогресивни – Audi ги претстави новите e-Tron GT и RS e-Tron GT! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Електрични, спортски и прогресивни – Audi ги претстави новите e-Tron GT и RS e-Tron GT!

Новиот електричен спортски седан на Audi забрзува до 100 километри на час за само неколку секунди и со едно полнење на батериите може да помине повеќе од 400 километри!

e-Tron семејството расте! Audi отвара ново поглавје и го слави напредокот – и тоа го прави токму со новиот e-Tron GT. Супер-напредниот 800-волтен електричен погон користи нова батерија со капацитет од 93 kWh (односно достапни 85 kWh). Батериите се поставени во 396 ќелии во 33 модули а системот овозможува полнење со максимална моќност од 270 kW – ако имате пристап до таков полнач, секако. Според Audi, 100 километри автономија ќе можат да се добијат за само 5 минути полнење, а вкупната автономија е до 487 километри.

Секако, бидејќи се работи за Audi, тука е и неизбежниот погон на сите четири тркала. Audi e-Tron GT quattro има вкупна системска моќност од 476 коњски сили и 640 Nm, додека помоќниот Audi RS e-Tron GT располага со 598 коњски сили и 830 Nm. Launch Control системот ја зголемува моќноста на 530 и 646 коњски сили, соодветно, а со тоа забрзувањето до 100 километри на час трае 4.1, односно 3.3 секунди. Максималната брзина е 245 километри на час кај „обичниот“ e-Tron GT, односно 250 километри на час кај RS e-Tron GT.

Секако, бидејќи се работи за модел со кој Audi сериозно „нагазува“ во иднината, e-Tron GT го добива најновиот, 12.3-инчен Audi Virtual Cockpit Plus, како и нов 10.1-инчен MMI Touch Display со гласовни команди и онлајн поврзување. Во понудата ќе се најдат и новите Audi Connect услуги – како на пример e-tron Route Planner системот кој самиот ќе го пресмета најбрзиот пат до саканата дестинација со најкратките можни застанувања за полнење.

Дизајнот е – во нашите очи – спектакуларен. Препознатливи се Audi деталите и дизјанерските елементи – но во еден радикален, спортски и футуристички спој кој навистина ни се допаѓа. Ниската кровна линија и привлечните светлосни елементи му даваат на e-Tron GT навистина динамичен став – во ера на големи, високи и гломазни SUV модели, ваквите автомобили се вистинско освежување. Со цел да се обезбеди што е можно подобра ефикасност на погонот, многу внимание е посветено и на аеродинамиката – коефициентот на отпор е само 0.24.

Поврзано:   Audi го направи последниот R8

Audi e-Tron GT и RS e-Tron GT ќе се произведуваат во фабриката на Audi во Neckarsulm, заедно со супер-автомобилот R8, а тоа зборува многу за вниманието и посветеноста кои Audi ќе ги посвети на новите модели. Во нашите очи – ова е најинтересниот електричен модел на Audi (и воопшто, еден од најинтересните електрични автомобили на пазарот) и со нетрпение чекаме да го запознаеме!

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.