Актуелната генерација на единствениот сериски модел на Lancia во моментов добива ново освежување – дури и по десет години по нејзиното лансирање.
Со модернизиран – но не премногу изменет изглед – моделот добива нова маска со вертикални решетки и поизразена сатенска рамка. Тука се и обновени предни светлосни групи со тенки LED дневни светла. Останатите промени се ограничени, но Ypsilon доаѓа со „понасмеан“ отвор за воздух на браникот, како и освежена палета на бои.
Скромните надградби продолжуваат и во ентериерот, така што купувачите ќе најдат нов 7-инчен мултимедијален систем со компатибилност за Android Auto и Apple CarPlay.
Моделот сериски располага и со нов воздушен филтер за кабината кој уловува 99% од алергените и го намалува пропуштањето на влага и бактерии за 98%.
Под поклопецот се наоѓа изменета палета на мотори со пониски емисии на издувни гасови. Lancia не објави повеќе детали, но тука е 1.2-литарски агрегат со 68 кс и 102 Nm вртежен момент, а купувачите ќе можат да одберат и 0.9-литарски мотор со 85 кс и 145 Nm вртежен момент.
Дополнителна опција ќе биде хибриден погон кој комбинира 1.0-литарски три-цилиндарски бензински агрегат со електричен мотор и литиум-јонска батерија. Тој произведува 70 кс и 92 Nm вртежен момент, кои му овозможуваат на Ypsilon да постигне 100 км/ч за не-баш-супер-брзи 14.2 секунди.