Дејан Христов ја претстави неговата визија за нови градски електрични возила на Stellantis – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дејан Христов ја претстави неговата визија за нови градски електрични возила на Stellantis

Како што ни најави во нашето интервју, Македонскиот дизајнер Дејан Христов ја објави неговата замисла за тоа како би изгледале идните модели на новоформираната групација Stellantis, поставени на заедничка платформа.

Според неговата визија, заедничката платформа би подразбирала еден облик на каросеријата, која во зависност од брендот би имала разлики само во предниот дел и задните светла и браник. Геометријата на страничните линии, столбови, прозорците, и покривот би останала непроменета.

Првиот концепт, кој би ја носел ознаката на Peugeot, e стилизиран со тенки предни светла, споени со голема предна решетка, а браникот има слични линии како останатите модели на производителот.

Тркалата имаат дизајн со пет краци, додека на задниот дел графиката на светлата е поделена на три светлечки групи, а браникот има голем темен заштитен елемент, слично како кај моделот 208.

Вториот концепт е уреден во дизајнерскиот јазик на Toyota, со приметливо влијание на моделот Corolla. Се одликува со тенки предни светла споени во една тенка и темна контура со значката. На браникот доминира голема средишна решетка со помали декоративни отвори. Иако Toyota не е дел од Stellantis, сепак Aygo е заеднички развиен со PSA и ја дели платформата со C1 и 108, па и овој дизајн е некако поврзан со останатите.

Тркалата имаат конкавен дизајн со двојни пет краци, а на задниот дел се забележуваат едноделни графики на светлата и стилизиран дифузер со боја на каросеријата.

Третиот концепт е веднаш препознатлив како Citroen. На предниот дел линиите од ознаката продолжуваат во заедничка контура над светлата, а решетката на браникот има интересен дизајн со остри завршетоци на формите.

На долниот дел од страничните прагови и предниот и задниот браник се забележуваат црвени детали. Тркалата се одликуваат со тангенцијален двобоен и конкавен дизајн, а на задниот дел се издвојуваат споената графика на светлата и темниот дифузер.

Четвриот концепт би ја носел ознаката на Opel и се препознава по покривот кој има различна боја од долниот дел на каросеријата и тенките темни контури на предната решетка и светлата.

Тркалата се исто така конкавни, но имаат позатворен стил, а на задниот дел се забележува потенка графика на светлата со исто така потенок дифузер.

Петтиот концепт би доаѓал од DS и е уреден со различна боја на кровот од долниот дел на каросеријата и украсен со хромирани елементи. На предниот дел се истакнуваат големата решетка споена со тенките светла со необична форма.

Тркалата имаат двојни пет краци. Задните светла имаат покомплицирани елементи, додека дифузерот има две решетки од страните.

И последниот концепт би бил инспириран од моделот Fiat 500. Како таков доаѓа со преден дел кој многу наликува на него, но е уреден во помодерен стил, со портокалови детали.

Исто така и тркалата се типични за овој модел, додека на задниот дел сега светлата имаат по две одделени светлечки графики, а дифузерот е потенок.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.