Продажбата на плаг-ин хибридите на Volvo порасна за цели 80%! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Продажбата на плаг-ин хибридите на Volvo порасна за цели 80%!

Шведскиот бренд е блиску до остварување на својата кратокорочна цел – 20% од автомобилите кои ќе ги продадат, да бидат електрифицирани – а тоа се должи на зголемената побарувачка за плаг-ин хибридни модели во Европа!

Од Volvo се пофалија дека во првите шест месеци од оваа година, во Европа продале 123.198 возила, од кои 24%, односно 29.918 возила биле плаг-ин хибридни модели. Ова е значително зголемување од 15.643 плаг-ин хибридни возила продадени во истиот период минатата година (кога биле продадени вкупно 174.653 возила).

Да, продажбата е опадната поради пандемијата, но од Volvo кажуваат дека „поставената цел – 20% од продадените возила да бидат електрифицирани – не е попречена од пандемијата. Купувачите бараат напредни електрични и електрифицирани возила.“ Изјавата доаѓа од извршниот директор Hakan Samuellson, кој додаде дека „приходите од продажбата на плаг-ин хибридите ги покрија зголемените трошоци кои произлегоа од поместувањето кон електрификацијата. Долгорочно, поголем проблем за профитабилноста би било обидувањето да се продадат старите, конвенционални автомбили.“

На глобално ниво, 14% од продадените возила на Volvo во изминатиот период се плаг-ин хибриди. Оваа година се испорачани 37.775 плаг-ин хибридни возила, значително повеќе од 21.015 вакви возила испорачани во истиот период минатата година. Според статистиките, особено се популарни плаг-ин хибридните изведби на V60 и XC40. Ние овиме модели веќе добро ги познаваме – за жал не сме ги возеле во плаг-ин хибридна изведба, сепак погледнете ги нашите тестови на караванот V60 и популарниот SUV XC40.

Во моментов, Volvo нуди PHEV изведби на големиот XC90, како и XC60 и XC40. Секако, во понудата можете да најдете и плаг-ин хибридни изведби на S60, V60, S90 и V90, како и целосно-електрична изведба на XC40.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.