ТЕСТ: Volvo V60 D3 Momentum – Дефиниција за кул караван! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo V60 D3 Momentum – Дефиниција за кул караван!

Каравани се вистинска реткост кај нас и навистина ретко „ни улетува“ караван на тест – па токму затоа со задоволство седнавме зад управувачот на еден навистина кул караван – шведскиот Volvo V60!

Сме кажале многу пати и ќе кажеме пак – каравани се кул. Во ред, во ред, многумина не ги разбираат и ги изедначуваат со „погребални возила“ – но ние во скоро секоја ситуација би одбрале супер-практичен караван наместо супер-тренди SUV. Плус, во нашите очи едноставно изгледаат подобро.

V60 е еден од најкул и најпривлечните автомобили кои во моментов се нудат на пазарот.

Одличен пример за тоа е токму автомобилот за кој зборуваме денес е новиот Volvo V60. Видете го. Едноставно, видете го. Ова е еден од најкул и најпривлечните автомобили кои во моментов се нудат на пазарот. На предниот дел доминират широките светлосни групи и широките површини, додека страничните линии се чисти, долги и едноставни. Задниот дел е одлично изведен (и во нашите очи конфигурацијата на светлосните групи е попривлечно-изведена од седаните на Volvo). Плус, на V60 одлично му стојат големите, големите тркала. Скоро секој пат кога зборуваме за Volvo го спомнуваме она кое го нарекуваме „Скандинавски Дизајн“ – но реалноста е дека токму таквиот пристап ги издвојува автомобилите на Volvo од директните конкуренти.

Како и да го погледнете – V60 изгледа одмерено, достоинствено и безвременски кул. Ова е дизајн кој ќе изгледа убаво и современо и за 10-15 години од сега – токму тоа е убавината на едноставните дизајни. Мораме да ги поздравиме дизајнерите на Volvo и да им честитаме за одлично завршената работа.

Ентериерот е комфорен, практичен и исклучително светол

Истата приказна за едноставност и привлечност продолжува и во кабината. Ентериерот е исклучитлено светол – реалност која се должи и на светлите бои во кабината – и некако, како да зрачи и привлекува со топлина и некое чувство како да сте „како дома.“ Седиштата се исклучително комфорно и многу лесно се наоѓа комфорна возачка позиција – V60 е лесен за минување километри, како во град така и надвор од него. Скоро сите материјали кои ќе ги допрете се фини на допир – но сепак ќе забележиме на некои од пластиките – на пример, пластиките на централната конзола би можеле да бидат нијасна пофини на допир.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

На задната клупа – очекувано – исто така има повеќе од доволно простор. Секако, и задната клупа е исклучително комфорна и за повисоки патници, па и на подолги патувања. Повторно, ќе го истакнеме светлиот ентериер кој е супер-привлечен, но ние сепак би одбрале некоја потемна боја, чисто од практични причини – светлите ентериери многу полесно се валкаат и бараат многу повеќе внимание.

Инаку, инфозабавниот уред е истиот оној кој се добива и кај другите модели на Volvo. Вертикално-поставениот екран некои ќе ги асоцира на Tesla, но е далеку, далеку полесен за користење. Секако, би сакале за некои работи да имаме физички прекинувачи наместо да користиме екран, но трендовите се такви, а имплементацијата на Volvo е меѓу најлесните за користење. Крива на учење скоро и да нема – едноставно, сè што барате е онаму каде очекувате да го најдете. Не смееме да заборавиме дека ова е караван – и токму тука е неговиот шарм.

Зад задните седишта ќе најдете багажен простор со капацитет од 529 литри (нијанса поголем од она кое го нудат директните ривали), а кога ќе ги спуштите задните седишта добивате 1441 литар во багажникот.

Големите тркала не резултираат со некомфорно возење – напротив, V60 е комфорен на скоро секаква подлога

Иако сосем лесно се снаоѓа и во урбана околина, Volvo V60 е во својот елемент на отворен пат. 150-коњскиот турбодизел нуди чувство како да испорачува повеќе сила и лесно го придвижува релативно тешкиот автомобил – V60 тежи 1629 килограми. Прилично лесно одржува височки брзини и возењето е без никаква драма. Ќе тргнете и ќе стигнете каде сте тргнале одморени. Насочете го во свиоци и V60 e компетентен – верно ќе ги следи инструкциите кои ќе му ги дадете, но сепак се забележува дека ова е прилично тежок автомобил. Сепак – и покрај тежината – V60 е изненадувачки динамичен и лесно „трпи“ и повисоки брзини во свиоци.

Мора да ги пофалиме инженерите на Volvo – и покрај големите тркала, V60 воопшто не е некомфорен по нашите улици. Баш напротив – сосем успешно „ги пегла“ несовршеностите и во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации. Направиле некаква магија, некое вуду и – функционира.

Поврзано:   Volvo го произведе последнoто возило со дизел мотор

Е, да – моторот! Нашиот тестен автомобил дојде со 2-литарски турбодизел кој ја носи ознаката D3. Преведено од шведски на македонски, тоа значи дека моторот испорачува 150 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 320 Nm од 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Како што рековме, во оваа комбинација V60 тежи не баш незначителни 1629 килограми, забрзува до 100 километри на час за 9.9 секунди и постигнува максимални 205 километри на час. На хартија (или на екран, како сакате…) тоа можеби и не звучи како премногу брзо – но верувајте, во секојдневно возење V60 со овој мотор е повеќе од уверлив. Сосем респектабилна е и потрошувачката која за време на нашето тестирање не надмина 8 литри на 100 изминати километри во градски услови.

Секако – бидејќи се работи за Volvo – со V60 добивате еден од најбезбедните автомобили на планетата. Ги добивате сите системи за активна и пасивна безбедност кои Volvo ги нуди, како и цел куп воздушни перничиња, системи за стабилност и уште многу, многу повеќе. Volvo V60 целосно ги исполнува стандардите кои шведскиот бренд ги има поставено со своите амбиции да ги нуди најбезбедните автомобили на пазарот.

Навистина – V60 е дефиниција за кул караван!

Океј – и каде не носи сето тоа? Ајде уште еднаш – каравани се кул. Особено кога изгледаат толку добро како V60. Навистина – за време на неколкудневното дружење со V60 не наидовме на ниту еден негативен коментар. Од чистите линии, преку големите тркала па сè до привлечните детали – на сите им се допадна шведскиот седан. Плус, добивме практичен, комфорен и компетентен крстосувач кој некако… Ни влезе под кожа. Си кажавме ние – дефиниција за кул караван.

Поврзано:   Македонска премиера на новиот Volvo EX30!

Димензии

Спецификации

Модел: Volvo V60 D3 Momentum Auto
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 320 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 205 километри на час
Должина: 4761 mm
Ширина: 2040 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1427 mm
Тежина: 1629 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2872 mm
Багажен Простор: 529 – 1441 литри
Потрошувачка: 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volvo V60 D3 – 47.300 Евра
Цена на тестираниот модел: Volvo V60 D3 Momentum Auto – 61.220 Евра
Повеќе Информации: Volvocars.com/mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.