ТЕСТ: Volvo XC40 D4 Momentum AT8 AWD – Шведски бејби-SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo XC40 D4 Momentum AT8 AWD – Шведски бејби-SUV

Со новиот XC40, Volvo ја комплетира својата SUV понуда – а тоа беше одлична причина и ние да поминеме неколку дена со најмалиот член на шведското XC-семејство.

Популарноста на сите SUV сегменти е во незапирлив пораст – па токму затоа Volvo одлучи својата ренесанса да ја започне токму со модел од SUV сегментите. Таа ренесанса започна пред неколку години со големиот XC90, потоа продолжи со мид-сајз моделот XC60, a се заокружува со најновиот – и најмал – ваков модел, компактниот XC40. XC40 е првиот модел поставен на CMA (Compact Modular Architecture) платформата на Volvo, но и првиот модел кој го добива новиот 3-цилиндерски турбо-бензинец со 156 коњски сили.

XC40 има своја приказна

Интересно кај XC40 е дека во целата Volvo-приказна, како да има засебен идентитет. Немојте да нè разберете погрешно – XC40 е несомнено модел на Volvo и тука се сите препознатливи Volvo дизајнерски елементи – но компактниот SUV не наликува премногу на другите SUV-модели на шведскиот бренд. Прво, формата на XC40 е некако поостра и појасно дефинирана – почнувајќи од предниот дел кој е повертикален, преку карактерната линија, па сè до формата на задниот дел и вертикално-хоризонталните задни светлосни групи – XC40 е несомнено модел на Volvo, но има свој засебен карактер, своја прича, да речеме.

Всушност, мораме да кажеме дека ја поздравуваме одлуката на Volvo да му даде засебен лик на најмалиот SUV. Во оваа класа купувачите бараат уникатност и фанки пристап кон нештата, и иако и кај XC40 дизајнерскиот пристап е типично скандинавски (односно, со минималистички, less-is-more филозофија), сепак тука има многу дизајнерски детали кои се навистина кул – на пример, ни се допаѓа како се интегрирани дневните светла во предните светлосни групи, но ни се допаѓаат и чистите странични линии.

Сè на сè – дизајнот е современ и чист, без непотребно-многу линии и форми – и ни се допаѓа. Особено добро му прилега и сребрената боја која ја носеше нашиот тестен модел – некако, изгледа како целиот автомобил да е направен од едно единствено големо парче алуминиум.

Поврзано:   Volvo го произведе последнoто возило со дизел мотор

Скандинавска кабина

Океј, ајде малку за ентериерот. Приказната за скандинавски минимализам продолжува и тука. Во кабината на XC40, Volvo нема направено премногу остапки во однос на другите модели – па ако сте биле во било кој друг модел на шведскиот бренд во изминативе неколку години, во XC40 ќе се чувствувате како дома. Пред вас е поставен управувачот, а зад него е дигиталниот панел со инструменти (кој патем, стандардно се добива), на централната конзола е поставен големиот мултимедијален уред преку кој се контролираат разно-разните системи (од клима уредот, преку навигацијата, па сè до аудио уредот) и кој е супер-лесен за користење (барем во однос на она што го нудат директните конкуренти).

Плус, седиштата во XC40 ем изгледаат одлично, ем се супер-комфорни. Лесно ќе најдете комфорна и прегледна возачка позиција, иако би посакале уште барем неколку сантиметри прилагодување на управувачот по длабочина. Имаме забелешки и кон прегледноста кон задниот дел – дијагоналната линија во задниот дел на задните врати и дебелите Ц-столбови ја ограничуваат прегледноста кога се движите наназад – но тука се паркинг сеонзорите и камерата за да компензираат за тоа. Сите пластики кои ќе ги допрете се генерално квалитетни и фини на допир, па немаме посебни забелешки ниту околу тоа.

Околу предните седишта има многу места за одлагање дребулии и ситници, како и систем за безжично полнење на мобилни уреди, а на задната клупа комфорно ќе седат двајца. По потреба ќе собере и тројца, но би го препорачале тоа само на пократки релации. Багажниот протор е со правилен и широк отвор, а нуди меѓу 460 и 1336 литри капацитет.

Моќен и економичен турбодизел, врвен комфор

Ни се допадна и 2-литарскиот D4 турбодизел кој го носеше нашиот тестен примерок. Овој мотор го знаеме и од XC60, а одлично се снаоѓа и кај помалиот брат. Моторот работи супер-рафинирано и мирно, и сосем лесно го забрзува 1700-килограми тешкиот SUV до 100 километри на час 7.9 секунди. Максималната брзина е нешто над 200 километри на час.

Поврзано:   Volvo го произведе последнoто возило со дизел мотор

Во комбинација со 8-брзинскиот автоматски менувач и погон на сите четири тркала, потрошувачката е некаде околу 8 литри на 100 километри во градски услови, односно нешто пониска на отворено. На отворен пат XC40 е задоволително тивок и комфорен за патување и кон подалечни дестинации.

Сега веќе доаѓаме и до возачкото искуство. Во суштина, XC40 одлично ги интерпретира и ги пренесува вредностите на XC-моделите на Volvo – а тоа е дека возењето треба да биде лесно, опуштено и комфорно. Управувањето е доволно директно и прецизно да за може да понуди забава – но да бидеме искрени, кај еден SUV комфорот го има главниот збор – и тука XC40 има некои предности во однос на директните ривали.

Ја поздравуваме одлуката на Volvo да не „брка“ разно-разни „динамични и спортски“ суперлативи, туку да даде акцент на комфорот – нерамнините од нашите улици не беа посебен предизвик за XC40 и ова е вистинскиот пристап кон нештата, барем кога „праиме муабет“ за SUV.

XC40 e одлична најава за иднината на Volvo

Како што рековме – со XC40, Volvo ја заокружува гамата на SUV модели во својата понуда. Пристапот е прилично едноставен – земете ги сите оние квалитети кои купувачите веќе ги познаваат од другите XC возила и спакувајте ги во покомпактно издание. XC40 идеално ја исполнува оваа задача – добиваме привлечен и современ скандинавски дизајн, модерна кабина и врвна технологија – сето тоа спакувано во тренди SUV издание кое несомнено ќе пронајде многу фанови и купувачи. Одлично завршена работа!

Спецификации

Модел: Volvo XC40 D4 Momentum AT8 AWD
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.9 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4425 mm
Ширина: 2034 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1652 mm
Тежина: 1728 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2702 mm
Багажен Простор: 460 – 1336 литри
Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volvo XC40 T3 Intro – 32.190 Евра
Цена на тестираниот модел: Volvo XC40 D4 Momentum АТ8 AWD – 54.670 Евра
Повеќе Информации: volvocars.com/mk
Поврзано:   Volvo го произведе последнoто возило со дизел мотор

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.