full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo XC60 D4 Inscription – Внимание, часот започна

Минатата, прва генерација на шведскиот SUV не само што беше најпродаван модел во својата класа, туку успеа на конкурентите да им одржи неколку лекции – а ние поминавме неколку дена со новиот XC60 да се увериме дека овие квалитети се повторно тука.

Секогаш сакаме да зборуваме за Volvo – темпото со кое шведскиот бренд расте и наметнува нови стандарди е навистина за почит. Трансформацијата на Volvo започна пред неколку години со новиот XC90 (кој ние го возевме во дизелска изведба во Македонија, но и во хибридна T8 изведба во Словенија), потоа продолжи со новите S90 и V90 и сега пред нас е најновиот член на тоа „повторно откривање на себеси“ – новиот XC60.

XC60 е првиот член на 60-фамилијата на Volvo – веќе се најавени новиот седан S60, како и неговата караванска изведба V60. Но токму задачата на XC60 е можеби најтешка – треба да следи во стапките на минатата генерација која беше вистинска успешна приказна за Volvo. Своевремено, XC60 беше најпродаван модел во својот сегмент – а тоа не се мали стапки за следење. Ако со XC90 Volvo требаше да се бори да стигне во врвот на сегментот, со XC60, Volvo е веќе таму и треба да се бори да остане на својата позиција – а со силната конкуренција, тоа и не е така лесно.

Новиот шведски SUV едноставно изгледа привлечно

Првиот контакт со XC60 нема да ве остави рамнодушни – шведскиот SUV едноставно изгледа привлечно. Чистите, едноставни линии се во контраст со прекомплексните дизајнерски одлуки на некои од конкурентите – и гледан од скоро било кој агол, XC60 изгледа смирено, рафинирано, некако… Безвременски!

На предниот дел се истакнува големата хромирана решетка на ладилникот и широките, хоризонтални светла околу неа, во кои пак јасно се дефинирани дневните светла во обликот на чеканот на Тор. Профилната линија е чиста со дискретно нагласени „рамења“ и растечка линија на прозорците која успева да ја сокрие визуелната големина на XC60. Задниот дел е дефиниран од големите светлосни групи кои истовремено се и вертикални и хоризонтални – решение кое одлично му прилега на скандинавскиот карактер на XC60.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новото S60 е првото Volvo што ќе се произведува во Америка

Всушност, единствената забелешка која ја имаме на дизајнот е онаа на тркалата – многу пати сме кажале дека не сме огромни фанови на двобојни тркала – па ние би избрале некоја еднобојна варијанта. Инаку – навистина, XC60 е меѓу најпривлечните SUV модели кои во моментов се нудат на пазарот.

Комфорна, светла и практична кабина

Истата таа нишка за елегантен дизајн продолжува и во кабината – кога ќе ја отворите големата и широка врата ќе ве пречекаат седишта кои се совршено комфорни, нудат многу можности за нагодување и во кои лесно ќе можете да поминете стотици, па и илјадници километри. Материјалите кои се околу вас се генерално квалитетни и фини на допир, и веднаш се забележува напредокот кој Volvo го постигнува со секој нов автомобил кој го нуди на пазарот.

Директно пред возачот дигиталните инструменти, а на средината на конзолата е големиот мултимедијален уред кој е „дом“ за скоро сите команди во XC60 – од клима уредот, преку „музиката“ па сè до навигацијата. Иако можеби не сме фанови на трендот да се заменат сите контроли во автомобилот со еден централен дисплеј, сепак мораме да признаеме дека системот на Volvo е меѓу најлесните за користење. Не сме фанови ни на пијано-црниот финиш на некои од деталите во кабината – таквите површини се магнет за отпечатоци од прсти и ситна прашина – но за среќа, такви површини нема многу во кабината на XC60.

Често кажуваме дека на задната клупа во автомобилите има повеќе од доволно простор – и иако секогаш е тоа така, во XC60 има навистина повеќе од доволно простор. Дури и повисоки патници комфорно ќе се сместат на задната клупа – и за тројца не би требало да биде проблематично. Секако, тука е и дарежливиот багажник – на располагање ќе имате 635 литри, кои нараснуваат на одлични 1432 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Отворот на багажникот е широк и со правилна форма, па лесно ќе внесете и пренесете и поголеми предмети.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новото S60 е првото Volvo што ќе се произведува во Америка

Секојдневното живеење со XC60 е навистина лесно

Она што навистина изненадува зад управувачот на XC60 е тоа колку е всушност лесно да се живее ден-за-ден со овој SUV. Прегледноста е одлична и сите команди се супер-лесни и не бараат никаков напор – па и маневрирањето е лесно. Секако, снаоѓањето во тесни улички дополнително го олеснуваат паркинг сензорите и камерите – не смееме да заборавиме дека зборуваме за SUV кој е долг скоро пет метри! Но без оглед на тоа, возењето е максимално смирено и опуштено, а на отворен пат и на повисоки брзини, XC60 e еден од најтивките – ако не и најтивкиот – SUV од оваа класа.

Секако, тука своја заслуга има и 2-литарскиот D4 турбодизел кој испорачува 190 коњски сили кон сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач. Се гледа дека инженерите на Volvo посветиле внимание на „пеглање“ на соработката меѓу моторот и менувачот. За време на неколкудневното возење потрошувачката на XC60 се движеше некаде околу 9 литри дизел гориво на 100 километри – бројка која воопшто не е висока ако се земе во предвид дека ова е голем SUV со автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Забрзувањето до 100 километри на час трае 8.4 секунди, а максималната брзина е 205 километри на час.

Комфорот пред сè!

Во секој случај, мораме да ја поздравиме одлуката на инженерите на Volvo да не се концентрираат премногу на извиканите „спортски“ карактеристики на некои од конкурентите, туку да посветат внимание на комфорот – бидејќи, да бидеме искрени – кој купува SUV за спортско возење? XC60 е вистински комфорен – од звучната изолација, па до начинот на кој суспензијата ги елиминира нерамнините од нашите улици – јасно е дека комфорот и опуштеноста во возењето биле на приоритетната листа на шведските инженери.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новото S60 е првото Volvo што ќе се произведува во Америка

Нашиот Inscription модел дојде „топтан“ опремен – ги имаше сите безбедносни системи кои Volvo ги нуди кај своите модели – систем за автоматско сопирање и избегнување препреки, ABS, EBD, систем за контрола на тракцијата и стабилноста, мал милион воздушни перничиња и многу, многу повеќе. Дел од приказната се и кожните седишта, деловите во кабината покриени во дрво, дигиталните инструменти пред возачот, целата лепеза на сензори и камери, мултимедијалниот уред со навигација и Bluetooth поврзување, и многу, многу повеќе.

Дали Volvo повторно може да одржи лекција?

Дали претеруваме кога ќе кажеме дека е навистина тешко да се најдат забелешки за новиот Volvo XC60? Ни малку. Инженерите на Volvo многу добро ги разбрале своите купувачи – знаат дека купувачите во овој сегмент всушност бараат комфор и леснотија во возењето – а XC60 го нуди токму тоа. Искомбинирајте го комфорот со нетипичниот скандинавски пристап кон нештата – и сосем е јасно дека Volvo повторно е подготвен да одржи лекција!

Спецификации

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4250 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 205 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.4 секунди
  • Должина: 4688 mm
  • Ширина: 1902 mm
  • Висина: 1658 mm
  • Тежина: 1961 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2865 mm
  • Багажен простор: 635 – 1432 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 9.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volvo XC60 D4 Inscription AWD – 81.933 Евра
  • Цена на акциска понуда: Volvo XC60 D4 Momentum Business AWD – 52.990 Евра

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.