Новиот Volvo XC40 Recharge нуди сила од 402 кс и опсег од 400 км – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Volvo XC40 Recharge нуди сила од 402 кс и опсег од 400 км

Volvo го претстави својот прв целосно електричен модел, кој има комбинирана сила од 402 кс и максимален опсег на возење од 400 километри.

Шведскиот бренд ќе ја користи ознаката Recharge за секој електричен модел на полнење, а тоа ги вклучува целосно електричните модели и plug-in хибридите. Производителот планира да лансира пет нови електрични возила во наредните пет години, а новиот XC40 е првиот од „екипата“.

Volvo XC40 Recharge е погонуван од два електрични мотори, по еден на секоја оска, кои имаат комбинирана сила од 402 кс. Доколку тоа ви звучи познато, тоа е бидејќи тоа е истиот погон од претстојниот Polestar 2.

Според Volvo, малиот електричен кросовер има опсег на возење од над 400 км според WLTP циклусот и е способен да ги наполни батериите до 80% од својот капацитет во рок од 40 минути преку полнач од 150 киловати.  Батериите се литиум-јонски со енергија од 78 киловат часа. Уште една нова одлика која доаѓа заедно со новиот XC40 Recharge е целосно новиот мултимедијален систем кој е базиран на Android оперативниот систем.

Споредено со моделот на внатрешно согорување, електричниот модел е поставен поблиску до подлогата поради батериите монтирани на подот. Просторот во багажникот е исто така малку намален, но поради ослободениот простор под предниот поклопец, сега и таму има место за складирање на багаж.

Цените на новиот Volvo XC40 Recharge се очекува да започнат од 59,000 евра во Германија, а моделот ќе започне со продажба на Европскиот пазар при крајот на следната година.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.