full screen background image
Search

Polestar го претстави својот втор модел – електричниот седан кој се вика едноставно – 2!

Polestar станува сè посериозен играч под капата на Volvo – а вториот модел кој го претставија јасно и гласно ја дефинира насоката во која новиот шведски бренд ќе се движи.

Новиот Polestar 2 е поставен на CMA платформата на Volvo (онаа која се користи и кај одличниот XC40 кој неодамна го возевме), и според она кое го кажуваат од компанијата, ниско-поставените батерии не само што ја подобруваат управливоста, туку и ја подобруваат цврстината на шасијата и ја намалуваат бучавоста.

Polestar 2 користи два електромотори кои заедно испорачуваат 402 коњски сили и 660 Nm вртежен момент, во комбинација со батериски модул со капацитет од 72 kWh. Автономијата според WLTP мерењата е 500 километри – и среќни сме што гледаме електрични автомобили кои можат да се пофалат со вакви бројки.

Инаку, Polestar сака да го продава 2 во Германија по цена од 39.900 Евра, но во првите 12 месеци ќе се нуди само Launch изведбата која ќе чини 59.900 Евра. За оние кои сакаат нешто нијанса подинамично тука ќе биде Performance пакетот кој вклучува Ohlins амортизери, Brembo сопирачки и големи, 20-инчни тркала. Дополнително, Polestar 2 добива Pixel LED предни светла, интересни странични ретровизори без рамки и уште многу други интересни детали.

Polestar 2 е еден од првите сериски автомобили кои ќе користат Android инфозабавен уред во кабината. Новиот уред е базиран врз 11-инчен дисплеј и нуди интересна дигитална околина која ги комбинира апликациите кои веќе ги користите со Android сервисите на Google. Исто како и Polestar 1, и Polestar 2 ќе може да се нарача само преку интернет. Во прво време ќе може само да се купи, а понатаму на купувачите ќе им биде понудена опција за „претплата“.

На самиот почеток Polestar 2 ќе се нуди во Кина, САД, Канада, Белгија, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство. Понатаму ќе биде понуден и на други пазари, секако, додека првите испораки се закажани за почетокот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.