СУПЕР-ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – 10 кул детали кај C-HR – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

СУПЕР-ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – 10 кул детали кај C-HR

Нашето време со C-HR заврши, па решивме да се навратиме на некои од кул деталите кои ни оставија впечаток кај хибридниот кросовер на Toyota.

Досега

Модел: Toyota C-HR Hybrid Cult
Изминати Километри: 2865
Просечна Потрошувачка: 4.9 литри / 100 изминати километри
Досегашни Објави:

Нашиот C-HR си замина. Во ред, си замина нешто помалку од планираното – околу две седмици пред да треба, но затоа нашите пријатели од Toyota ни дадоа „заменски“ – ист како нашиот, само во друга боја. На новиот сопственик на „нашиот“ C-HR му посакуваме многу безгрижни километри со неговиот нов автомобил – верувајте, го пазевме „како очи во глава.“

Неодамна се збогувавме и со сивиот C-HR, и наскоро ќе објавиме видео со нашите впечатоци од севкупното дружење со јапонскиот хибриден кросовер – но сега, ајде да позборуваме за многуте кул детали кои ги забележавме кај C-HR, и кои ни оставија впечаток.

На самиот почеток – дизајнот! Едноставно, C-HR нема никого да остави рамнодушен. Интересно – C-HR се покажа како екстремно поларизирачки. Односно – или многу ви се допаѓа неговиот дизајн, или „го хејтате“. Гледан од било кој агол, C-HR изгледа несекојдневно – од големиот преден дел со прилично висока линија, преку купеовската линија, па сè до задниот дел, огромниот спојлер и исфрлените задни светла  – C-HR изгледа како да е од друга планета.

Е сега, детали? Каде да започнеме?

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

1. Нииискиот преден браник.

Предниот дел има екстремно низок став за еден кросовер – а тоа се должи на длабокиот браник со интегрирани магленки. Овој детал му дава на C-HR несекојдневно спортски лик, а ако не сте внимателни дури може „да закачи“ на екстремни агли во катни гаражи.

2. Рачките на задните врати

Рачките на задните врати се „скриени“ во Ц-столбот. Во ред – не се баш невидливи, но бидејќи се скриени значително придонесуваат кон купеовската приказна на C-HR.

3. Големиот заден спојлер.

Голем заден спојлер. Многу голем. Многу кул!

4. Дијамантите

Дијамантите, баклавите, ромбовите.. Наречете ги како сакате – ги има насекаде во кабината на C-HR. На управувачот, околу радиото, во вратите, па дури и на таванот..

5. Големите тркала

Нашиот C-HR дојде на 18-инчни тркала, кои воопшто не изгледаа преголеми, а се неверојатно фраерски и му прилегаат одлично на карактерот и дизајнот на овој кросовер кој ги таргетира помладите купувачи.

6. Мат-сините детали во ентериерот

Не сме големи фанови на пијано-црниот финиш кој стана популарен во рамките на автомобилската индустрија – но затоа мат-сините „линии“ во кабината на C-HR ни беа вистински хит! Не се пренагласени, но одлично го разбиваат ентериерот и изгледаат многу, многу кул.

7. Рачката од менувачот.

Едноставно изгледа кул, а и одлично лежи во рака. Браво Toyota!

8. Широките предни светла и трите LED дневни сијалички.

Предните светла му даваат многу интересен лик на C-HR, а дневните светла во форма на три LED сијалички се одличен ситен детал.

9. Практичниот USB приклучок.

USB приклучокот е веднаш под радиото – одлично поставен за да можете да пуштите своја музика од USB стикче, или пак да го полните вашиот телефон.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

10. Исфрлените задни светла.

Во зависност од аголот од кој ги гледате, задните светла понекогаш изгледаат како ракетен погон. Во ред, нема да бидат по сечиј вкус, но нам одлично ни се вклопуваат во приказната за C-HR.

Како што рековме, нашиот C-HR си замина – но нема набргу да го заборавиме. Поминавме три месеци со хибридниот кросовер на Toyota и ја имавме привилегијата навистина да го запознаеме. Дури – ќе признаеме дека разделувањето беше малку емотивно!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.