СУПЕР-ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – Хибрид на снег? Зошто да не! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

СУПЕР-ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – Хибрид на снег? Зошто да не!

Полека но сигурно навлегуваме во супер-тестот на хибридниот C-HR – по две седмици и неколку стотици километри, какви се првите впечатоци од јапонскиот кросовер?

Досега

Модел: Toyota C-HR Hybrid Cult
Изминати Километри: 575
Просечна Потрошувачка: 5.2 литри / 100 изминати километри
Досегашни Објави:

Без проблем на снег, греењето на седишта е вистински благодет

Зимата е несомнено тука – ниските температури и снегот станаа дел од нашето секојдневие, а со нив се појавија и првите прашања за тоа како „се снаоѓа“ хибридниот C-HR на ниски температури и во снежни услови.

Ајде веднаш да одговориме на прашањето – C-HR сосем нормално се справува со негативни температури и снег. Како и секое утро, така и оние утра кога температурите се екстремно ниски, хибридниот погон на C-HR се буди и без посебен приговор си ја „брка работата“. Секако, своја улога во справувањето со снегот имаат и одличните зимски пневматици со кои е опремен нашиот C-HR, но она што вреди да се истакне е дека ниските температури кои не-се-баш-најдобри за батерии не се никаков проблем за хибридниот погон на C-HR.

Дополнително, не смеам да заборавам да го пофалам она прекрасното, магично копче кое го вклучува греењето на седиштата на C-HR. Загревање на седиштата е една од оние работи кои мислите дека не ви требаат – сè додека не започнете да ги користите секојдневно и не ви прејдат во навика. На нискиве температури? Благодет.

Секојдневието со C-HR е навистина лесно

Инаку, секојдневието со C-HR е навистина лесно. Автоматскиот менувач повторно и повторно се наметнува како идеална одлука за возење низ градскиот метеж – традиционалните тргни-застани ситуации се бесконечно полесни – и тоа е тоа. Релативно високата возачка позиција овозможува одлична прегледност (барем кон предниот дел) и навистина немам некакви посебни замерки.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Сепак,  ни C-HR не е идеален – би сакал долниот дел од предните седишта да е барем малку подолг, и би сакал традиционална „врталка“ за нагодување на гласноста на радиото наместо копчињата на допир.

Математиката „на пумпа?“

Инаку? Сега за сега? Никави проблеми, C-HR е вистински урбан суперхерој. По две седмици и скоро 600 изминати километри денес го дополнивме резервоарот. Што кажува математиката „на пумпа“? 5.2 литри бензин на 100 изминати километри, скоро сите поминати во градски услови. Добро сработено Toyota, добро сработено.

Спецификации

Модел: Toyota C-HR Hybrid Cult
Мотор: 1.8-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Системска Моќност: 122 коњски сили
Вртежен Момент: 142 Nm од МВС, 163 Nm од електромотор
Менувач: Бесстепен автоматски e-CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 170 километри на час
Должина: 4360 mm
Ширина: 1795 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1555 mm
Тежина: 1460 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 377 литри
Потрошувачка: 5.2 литри на 100 изминати километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota C-HR Hybrid Center – 24.890 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR Hybrid Cult – 26.890 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.