Официјализирана алијансата меѓу Ford и Volkswagen – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјализирана алијансата меѓу Ford и Volkswagen

Во првата фаза, алијансата меѓу двата гиганти ќе резултира со заеднички развој на комерцијални возила и пикапови наменети за поширока потрошувачка – а понатаму ќе води кон заеднички развој на електрични и автономни технологии.

Ford и Volkswagen го искористија саемот на автомобили во Детроит да ја официјализираат својата подлабока соработка. Тоа што Ford ја објавува оваа соработка на „домашен терен“ секако не е без свое значење. Соработката на двата гиганти во автомобилската индустрија во првата фаза ќе се концентрира на заеднички развој на комерцијални возила и пикапови, а понатаму ќе продолжи кон развој на електрични возила и само-управувачки технологии. Сето ова би требало да резултира со заштеда кај обата производители која би се мерела во милијарди долари.

Автомобилите кои ќе бидат резултат од оваа соработка ќе пристигнат на пазарот во 2022-рата година. Како што кажуваат од Ford и Volkswagen, алијансата меѓу двата производители нема да вклучува взаемна сопственост или некакво спојување. Алијансата ќе биде надгледувана од заеднички комитет во кој ќе бидат вклучени претседателите на обете компании. Според нив, токму ваквите алијанси го истакнуваат притисокот кој го чувствуваат големите производители да ги менаџираат трошоците за развој на електрични возила, како и технологиите за исполнување на сè построгите стандарди за емисија на штетни гасови.

Ford ќе го искористи своето знаење и искуство да направи пик-ап возила со средна големина за двете компании (во суштина, она што денес се Volkswagen Amarok и Ford Ranger) кои треба да пристигнат на пазарот во 2022. Исто така, Ford ќе го искористи огромното искуство со комерцијални возила за да направи големи комерцијални комбиња за европските купувачи. Volkswagen ќе направи градско комбе.

Според Volkswagen, обете компании имаат одличен успех со комерцијалните возила, и токму оваа алијанса ќе им помогне да ги намалат трошоците за развој и производство на ваквите возила – двете компании заедно во 2018 глобално продале околу 1.2 милиони примероци од ваквите автомобили. Дополнително, Volkswagen вчера објави дека ќе инвестира 800 милиони долари во фабрика за електрични автомобили во Чатануга, Тенеси.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.