ВОЗЕВМЕ: Ford Ranger Wildtrak – Вистински утилитарен мултиталент! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Ford Ranger Wildtrak – Вистински утилитарен мултиталент!

Понекогаш животниот стил наметнува комбинирање на професионалното и забавното – а кога тоа е изведено толку добро, тогаш имаме полн погодок. Поминавме неколку дена во Словенија со новиот Ford Ranger, автомобилот кој го ветува токму тоа!

Со задоволство ја прифативме поканата на Ford да бидеме меѓу првите кои ќе го искусат новиот Ranger. Привлечниот и зрел пикап на Синиот Овал доби значително освежување и подобрување, а тоа беше повеќе од доволна причина да посакаме да дознаеме нешто повеќе за него.

Новиот модел изгледа робустно, модерно и привлечно.

ford-ranger-carclub-frontback

Првиот контакт со Ranger е мошне позитивен – иако се работи за традиционален пик-ап, новиот модел изгледа робустно, модерно и – ќе бидеме доволно храбри да кажеме – привлечно. Новиот преден дел влече инспирација од другите вакви модели на Ford (воглавно наменети за Северноамериканскиот пазар), но без притоа да биде премногу нападен и арогантен. Елегантните линии се проткајуваат околу целиот автомобил, па Ranger изгледа големо и гордо, без да биде премногу нападен. Особено се истакнува Wildtrak верзијата која со своите дискретни додатоци нуди и нерезервирани спортски линии, но сето тоа во привлечно, современо и – пред сè – професионално пакување.

ford-ranger-carclub-duo2

На самиот почеток, да зборуваме малку за професионалноста. Да, ова е автомобил кој треба да ги задоволи службените потреби на оние кои имаат потреба од ваков вид на возило – а тука Ranger воопшто не разочарува. Новиот Ranger може да влече до 3500 килограми и има вкупна носивост до 1260 килограми – меѓу највисоките бројки во класата, а тоа е особено важно кога работните обврски побаруваат вакви карактеристики. Можете да го добиете Ranger во изведба со две, две + две или четири седишта, а во зависност од изведбата расте или се намалува и товaрниот простор. Инжинерите од Ford се фалат и со одличните агли на пристап и заминување, како и можноста за возење низ вода длабока до 80 сантиметри.

Луѓето од Ford не сакаат да се откажете од цивилизираните добра – Ranger ги нуди сите технологии како и обичните возила.

ford-ranger-carclub-interior1

Дизајнот на ентериерот влече инспирација од екстериерот. Отворете ја вратата и ќе ве пречека модерен и едноставен ентериер кој очигледно е замислен да ги издржи професионалните потреби. Особено ни се допадна ентериерот на Wildtrak моделот кој нуди контрастни опшивки, управувач и менувач обложени со кожа, седишта делумно обложени со кожа и сите можни додатоци кои можете да ги замислите – SYNC уредот со навигација, гласовни контроли и Bluetooth поврзување, сензори и камера за паркирање, и уште многу, многу други ситници. Всушност, една од најважните пораки кои Ford сака да ги пренесе со новиот Ranger е дека можете да имате професионално и робустно деловно возило без да се откажете од благодетите кои ги нудат останатите модели на брендот.

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

ford-ranger-carclub-interior2

На задната клупа има доволно простор, но сепак во контекст на класата. Ова не е луксузна лимузина, па не ни очекувајте толку многу простор. Она што ќе го добиете се комфорни задни седишта со доволно простор за главата и нозете, а за багажниот простор воопшто не треба да зборуваме – во Ranger можете одеднаш да ја пренесете целата покуќнина, а и по нешто од онаа на соседите.

ford-ranger-carclub-duo

Голем мотор, задоволителни перформанси

Најинтересниот модел е токму Wildtrak изведбата, која под поклопецот крие голем, 5-цилиндерски турбодизел со зафатнина од 3.2 литри. Моторот испорачува 200 коњски сили и моќни 470 Nm вртежен момент. Во комбинација со прецизниот 6-степен мануелен менувач, Ranger Wildtrak забрзува до 100 километри на час 10.3 секунди и постигнува максимални 175 километри на час. Во рамките на секојдневното возење, би можеле да очекувате потрошувачка од околу 10 литри дизел на 100 километри – прифатливи бројки со оглед на големината и моќноста на моторот.

ford-ranger-carclub-interior3

Седнуваме зад воланот и веднаш се чувствуваме подготвени да ги дознаеме можностите на Ranger. Кабината делува привлечно и модерно, а (во оваа класа) се истакнуваат деталите како конзолата која е обложена со кожа. Го стартуваме големиот турбодизел кој работи прилично рафинирано, но малку зголемената бучност го издава неговиот моќен карактер. Започнуваме да се движиме и првото изненадување кое ни го подготвува Wildtrak е неговата подготвеност да се движи. Големиот турбодизел со задоволство го турка Ranger во насоката во која сакате, и иако нема премногу повратни информации преку управувачот, сепак Ranger лесно ја добива нашата доверба. Прегледноста е задоволителна, а високата возачка позиција гарантира дека лесно ќе маневрирате и во потесни ситуации.

Автопатот не е преголем предизвик за Ranger

ford-ranger-carclub-mountains

Кога ги напуштивме урбаните средини се уверивме дека и на автопат Ranger не е надвор од својот елемент – сè додека не возите пребрзо, секако. Но држете се до ограничувањата и Ranger е повеќе од доверлив сопатник кој може да понуди неочекувано високо ниво на комфор со оглед на класата во која припаѓа. Интересно е што Ranger може да се добие со адаптивен темпомат и систем за следење на лентата на движење – технологии кои обично сме навикнати да ги очекуваме кај возила од повисоки класи кои чинат значително повеќе.

Напуштете го асфалтот и Ranger се чувствува и се однесува како да е дома!

ford-ranger-carclub-offroading

Одиме чекор понатаму, и целосно го напуштаме асфалтот – и тука во игра влегуваат сите можности кои Ranger ги нуди. Можете да го добиете со погон само на задните, или пак со погон на сите четири тркала и можност за блокада на задниот диференцијал. Ranger е повеќе од компетентен – насочете го надвор од асфалтот и со задоволство го прифаќа предизвикот. На макадам Ranger настапува самоуверено и достоинствено, и без приговор ги прифаќа сите нерамнини и несовршености. Иако управувањето не нуди многу повратни информации, сепак е доволно директно да имате доверба во Ranger и да имате доволно храброст да ги истражувате неговите граници.

Поврзано:   Ford Kuga добива освежен изглед и обновен хибриден погон

ford-ranger-carclub-forrest

Всушност, имавме можност и самите да се увериме во компетентноста на Ranger на теренски предизвици и останавме толку импресионирани, што решивме да одвоиме посебно место и посебни материјали токму за тоа – а за тоа наскоро!

ford-ranger-carclub-water

Ranger остава силен впечаток на способно, практично и робустно возило – токму тоа што класата го побарува.

На самиот крај, остануваат впечатоците кои Ranger ги наметнува – а тие се за впечатоци за способно, практично и робустно возило кое може да задоволи неколку профили на купувачи. Ranger одлично ќе ги задоволи потребите на професионалците, на оние кои им треба да влечат или да пренесат товар и да пристапат до терени кои со обичен автомобил едноставно не би можеле да ги совладаат.

ford-ranger-carclub-planica

Но никако не смееме да ги заборавиме ниту оние кои имаат алтернативен животен стил и кои сакаат да одат на кампување, на планинарење или едноставно да уживаат во природата во предели за кои треба малку повеќе компетентност да се пристапат. Токму тука Ranger Wildtrak е во најдобро светло – Ranger е забавен, робустен и комфорен теренец кој е подготвен да ве однесе вас, вашата опрема, вашиот велосипед и сите други ситници токму онаму каде посакувате. Вистински утилитарен мултиталент!

  • Мотор: 3.2-литарски турбодизел, 5 цилиндри
  • Моќност: 200 коњски сили / 3000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 475 Nm / 1500-2750 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 175 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.3 секунди
  • Должина: 5362 mm
  • Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1815 mm
  • Тежина: 2167 kg
  • Цена на тестираниот модел: Ford Ranger Wildtrak 4×4 M6 – 39.900 Евра
    Повеќе информации: Ford.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.