СУПЕР-ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – А што е со одржувањето и гаранцијата? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

СУПЕР-ТЕСТ: Toyota C-HR Hybrid – А што е со одржувањето и гаранцијата?

Меѓу најчесто поставуваните прашања околу нашиот „долгорочен“ C-HR се токму оние околу одржувањето на хибридниот кросовер, како и гаранциските услови околу батеријата, па токму затоа решивме да ги одговориме малку подетално.

Досега

Модел: Toyota C-HR Hybrid Cult
Изминати Километри: 1075
Просечна Потрошувачка: 5.4 литри / 100 изминати километри
Досегашни Објави:

Секогаш кога некоја понова технологија ќе пристигне на пазарот, се јавува одредена доза на недоверба. Купувачите сметаат дека технологијата е недоволно проверена и недокажана, а кога станува збор за автомобилите – дека потенцијалните трошоци за одржување ќе бидат екстра-високи.

Токму затоа решивме да посветиме малку повеќе внимание токму на овој дел – за да помогнеме да се надминат погрешните информации кои можеби некои луѓе ги имаат. Особено е интересен стравот кој луѓето го имаат од потенцијалните проблеми со батеријата – неретко слушавме коментари како „Еј, ама што кога ќе треба да ја смениш батеријата? Сигурно е брдо пари!“

Гаранцијата би требало да ги отстрани сите сомнежи

На нашиот пазар, Toyota нуди три години (или 100.000 километри) гаранција од производителот, плус три години (или 100.000 километри) продолжена гаранција – за вкупно 6 години и 200.000 километри гаранција! Дополнително, нагласено е дека компонентите од хибридниот погон имаат шест години гаранција. Батеријата има гаранција од 5 години и 100.000 километри, но Toyota нуди програма за бесплатна грижа за батеријата која му овозможува на корисникот дополнително безгрижно користење уште 5 години и 75.000 километри. Дел од оваа програма е и проверка на батеријата еднаш годишно, за да биде корисникот сигурен дека сè е во ред со неа.

Одржувањето е како за обичен автомобил

На оние кои размислуваат за купување на нов автомобил, секогаш им препорачуваме да ги земат во предвид и трошоците за тековно одржување на автомобилот – односно, попознати како редовни сервиси. Нашите пријатели од Toyota Авто Центар имаат подготвено целосен план за одржување на C-HR во првите 100.000 километри. Првиот редовен сервис на 10.000 километри чини 8080 денари и вклучува замена на масло, филтер за масло и филтер за клима уредот. Вториот сервис чини 10.749 денари, но во него е вклучена и замената на течност за сопирање.

Сервисните интервали се на 10.000 до 15.000 километри, односно еднаш годишно. Повеќе детали можете да видите во табелата  подолу.

Се надеваме дека со овие информации ќе успееме да им помогнеме на купувачите да ги добијат вистинските податоци – сепак, трошоците околу одржувањето се интересен и важен податок за секој кој сака да купи нов автомобил.

Спецификации

Модел: Toyota C-HR Hybrid Cult
Мотор: 1.8-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Системска Моќност: 122 коњски сили
Вртежен Момент: 142 Nm од МВС, 163 Nm од електромотор
Менувач: Бесстепен автоматски e-CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 170 километри на час
Должина: 4360 mm
Ширина: 1795 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1555 mm
Тежина: 1460 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 377 литри
Потрошувачка: 5.2 литри на 100 изминати километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota C-HR Hybrid Center – 24.890 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR Hybrid Cult – 26.890 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.