full screen background image
Search

CARclub на Porsche Driving Academy на Istanbul Park F1 патеката! (втор дел)

Продолжуваме со нашата репортажа од несекојдневното Porsche Driving Academy искуство – и ќе зборуваме за Kick Plate, теренско возење со големиот Porsche Cayenne – и конечно – како е да се вози Porsche 911 на Формула 1 патека!


Првиот ден поминат на Istanbul Park патеката ме исполни со адреналин и ја побара целата концентрација која можев да ја дадам – но вистинската возбуда следеше за време на вториот ден, кога можев вистински да го го искусам Istanbul Park – зад воланот на Porsche 911!

Но сепак – да одиме по ред и да зборуваме за сите вежби и активности кои претходат на излегувањето на F1 патеката – а денот го започнавме со Macan и Kick-Plate!

Вежба бр. 1 – Kick Plate со Macan

Не, kick-plate не е фитнес вежба. Всушност, возењето на кик-плејт е една од најинтересните вежби и вистинска можност да се научи контрола врз автомобилот. Во асфалтот по кој возиме е поставена плоча која „замавнува“ лево или десно и со тоа го изместува задниот дел на автомобилот од саканата траекторија. Бидејќи површината по која се вози има многу ниска тракција (многу слично како возење на мраз, на пример), задниот дел „бега“ кон левата или десната страна и задачата на возачот е да успее да го исконтролира автомобилот само со употреба на управувачот.

Бидејќи тоа е полесно да го покажеме визуелно – еве како тоа изгледа кога на возачот нема да му успее.

А еве како изгледа кога возачот успешно ќе го контролира автомобилот.

Вежбата е одличен начин подобро да ја запознаете динамиката на вашиот автомобил, но и да научите како безбедно да го контролирате автомобилот кога возите по лизгави коловози – нешто што нам тука во Македонија и не ни е баш непознато во зимските месеци!

Вежба бр. 2 – На тркачката патека со 718 Boxster, 718 Cayman и 718 Cayman S!

Неодамна редизајнираните Boxster и Cayman имаат нова ознака – и ја носат бројката 718 пред своето име. Покрав визуелните измени, новите 718-ки имаат и еден значителен новитет – а тоа е новиот, 4-цилиндерски турбо-боксер мотор кој во зависност од изведбата има капацитет од 2 или 2.5 литри, и располага со 300 односно 350 коњски сили.

Поврзано:   Вечерно Кино: Битка помеѓу Ferrari F8, McLaren 765LT и Porsche 911 GT2 RS!

Моторот е поставен средно – зад возачот, меѓу двете оски – и тоа гарантира максимална неутралност и одлично управување. Всушност, ако морам некако да го опишам чувството зад воланот на 718 Boxster и Cayman – тогаш ќе ги употребам зборовите на мојот инструктор Tobias – „It’s like a go-kart!“. Да, баш така – зад воланот на 718-ките е како да сум во картинг – луксузен картинг, без сомнение – но сепак картинг!

Можеби најголемата придобивка со можноста да се споредат автомобилите back-to-back е можноста да се увидат разликите меѓу нив кои најверојатно не би ги забележале на обичните улици. Новите мотори се значително поцивилизирани, и не е потребно толку многу „газење“ за да се извлечат максималните перформанси – моторите сега имаат значително повеќе вртежен  момент кој благодарение на турбо-полначите е достапен на пониски вртежи – и во реалноста е значително полесно да се експлоатира моќта која ја нудат.

Дополнително, иако можеби „на хартија“ разликата од 50 коњски сили не е голема, кога директно се споредуваат возилата веднаш станува воочлива разликата во перформанси – особено кога сте зад воланот на 718 Cayman, пред вас има 718 Boxster S кој изгледа како да е недостижен.

Вежба бр. 3 – Теренско возење со Porsche Cayenne

Големиот Cayenne е веќе докажан SUV. Класта на луксузни SUV автомобили налага дека оние кои се натпреваруваат во овој сегмент мораат да бидат компетентни, докажани и уверливи на сите терени – и токму тоа можевме да го искусиме со Cayenne.

На располагање имавме неколку различни изведби на Cayenne – но тоа и не беше толку важно бидејќи целта на оваа екскурзија надвор од идеалниот асфалт на Istanbul Park беше да се дознаат можностите на Cayenne – сето тоа преку неколку предизвици.

Првиот предизвик е таканаречениот Axle Twist. Овој предизвик ги демонстрира системите за пренос на моќност на Cayenne – во секој момент едно или две од тркалата на Cayenne се во воздух – а системот за дистрибуција на силата во реално време ја насочува моќноста на големиот SUV кон она тркало кое има контакт со подлогата и соодветна тракција.

Одиме понатаму – и пред нас е предизвикот за искачување на нагорнина со агол од 37 степени, и користење на Hill Descent Control системот за автоматско симнување по надолнина од 40 степени. При искачување не само што Cayenne без проблем го совладува предизвикот, туку на средината на нагорнината застануваме и повторно тргнуваме – сето тоа лесно и едноставно.

Поврзано:   Vision GT е најава за идните електрични спортски автомобили на Porsche

Симнувањето по надолнината е уште полесно – едноставно притискам едно копче и автомобилот самиот се симнува по надолнината со брзина која јас ја избирам, без воопшто да ја притиснам педалата за гас или за сопирање.

Конечно – последниот предизвик е возење по странична стрмнина. Иако ова изгледа лесно – чуството е како во секој момент да ќе се превртам. Едноставно – не сум навикнат да ја гледам земјата од овој агол! Сепак, ниту ова не е предизвик за Cayenne – и без потешкотии ја совладувам и оваа препрека. Сето ова прави да се чувствувам како некаков теренски бог – иако во реалноста, Cayenne компетентно ги совладува сите предизвици.

Вежба бр. 4 – На тркачката патека со Porsche 911

Конечно – еве го настанот за кој се подготвував цели два дена. Еве ја можноста јас да седнам зад воланот на Porsche 911 и да возам по Формула 1 патека. Во ред – веќе неколку пати ја возев патеката, но сепак тука веќе зборуваме за 911. Тие легендарни, легендарни бројки за кои многумина сонуваат – и еве ме мене, зад управувачот на 911 Carrera 4 GTS, се подготвувам да го напуштам боксот (колку добро тоа звучи, зарем не?) и да возам по патека за Формула 1.

Во минатиот текст за овој настан, кажав дека никогаш не би ни помислил дека токму јас ќе возам на Ф1 патека. Но токму тоа се случи!

Го напуштаме питлејн-от и започнуваме да се движиме по патеката. Одличната 911 Carrera 4 GTS е мојот прв сопатник и веднаш одлично се запознаваме. GTS-изведбата на 911 веднаш се наметнува како „потркачка“ – ентериерот и управувачот обвиени во алкантара, спортските седишта и острата прецизност ја наметнуваат оваа верзија на 911 како хируршка алатка.

Со секој изминат круг се движиме сè побрзо и нашите инструктори ни дозволуваат похрабро да ги бараме лимитите на нашите возила. Еден, два, три круга и веќе се чувствувам комфорно зад управувачот. Истовремено влијаат и адреналинот и реалноста дека јас, јас возам на F1 патека!

Поврзано:   Викендов се одржа Автоплус Street Show 2021

Од одличната 911 Carrera 4 GTS се префрлам во 911 Turbo S. Во моментов ова е најмоќната изведба на 911-гамата – преку сите четири тркала кон подлогата се пренесуваат 580 коњски сили – и сите тие коњски сили веднаш го најавуваат своето присуство. 911 Carrera 4 GTS беше брза на патеката – но 911 Turbo S е сосем ново ниво на брзина. Моќниот гранд турер граби од свиок кон свиок, а свиоците пак како некако многу брзо да доаѓаат еден по друг – таков е ефектот кој 580 коњски сили го имаат на возачкото искуство.

Јас и моќниот син 911 Turbo S одлично соработуваме – но морам да признаам дека на автомобилот му пристапив со должна почит. Едноставно – тој тоа го бара од мене, а и како инаку би пристапил на супер-автомобил кој може да забрза до 100 километри на час за помалку од 3 секунди и ме катапултира мене од свиок до свиок со брзини кои некои би ги нарекле налудничави?

По неколку круга, моето време на Ф1 патеката завршува. Се враќам во боксот, го вадам безбедносниот шлем од главата и неколку минути уживам во впечатоците. Возбудата и адреналинот се неизбежен дел од рецептот. Главата ми зуи, рацете ми се тресат – бидејќи тукушто возев 911 Turbo S под полн гас на Ф1 патека!

Епилог – или, што понатаму?

Вториот ден завршува, нашите домаќини се подготвуваат да ме испратат на аеродром, но секако не пред да се поздравам со сите – особено со Tobias и Jonathan, моите инструктори. Навистина многу научив – вештини кои ќе ми помогнат и во секојдневното возење, бидејќи инструкторите не само што ми даваа совети околу возењето, туку и ми објаснија зошто треба нешто да се прави, или зошто не. Ми ја објаснија физиката позади некои техники – а тоа е знаење кое можам да го опишам само како бесценето.

Ова е искуство кое никогаш нема да го заборавам, и морам да го препорачам на секого. Можноста да се научи подобро да се вози – и тоа од професионални возачи – е одлична, но кога на равенката ќе ја додадете целата гама на возила на Porsche – тогаш навистина искуството е… Неверојатно!

Галерија 1

Галерија 2



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.