Стартува сезоната за задолжителна зимска опрема во возилата! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Стартува сезоната за задолжителна зимска опрема во возилата!

Денес стартува „зимската“ сезона за возење – а ова се законските одредби кои кажуваат со што треба да биде опремено вашето возило во периодот од 15ти Ноември до 15ти Март.

Од денес стапува на сила обврската за носење на зимска опрема за возилата кои возат во и надвор од населено место. Согласно Законот за Безбедност во Сообраќајот, тоа значи дека вашето возило мора да биде опремено со соодветна зимска опрема.

Според членот 361 од Законот за Безбедност во Сообраќајот „Моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 Ноември до 15 Март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.“ Ова значи дека зимската опрема не е задолжителна само надвор од населените места, туку и во населените места.

Под зимска опрема за вашето возило се подразбира:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни синџири за снег.
  • Не заборавајте дека синџирите за снег се поставуваат на погонските тркала.

Доколку вашето возило има погон на сите четири тркала, тогаш опремата е:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри или
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и во возилото да носите соодветни синџири за снег.
  • Ако имаат постојан погон на четири тркала, синџирите се поставуваат на задната осовина.
  • Ако имаат преклоплив погон, тогаш синџирите се поставуваат најмалку на постојано вклучената осовина.

Веднаш да разјасниме – доколку вашиот автомобил има погон само на две тркала, зимски пневматици само на погонските тркала ниту ги задоволуваат законските барања за зимска опрема, ниту пак ја препорачуваме оваа опција како безбедна.

Имајте во предвид дека зимски пневматици се оние кои имаат ознака „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Оние кои ја имаат само „М+S“ ознаката (или некоја нејзина варијанта) не ги задоволуваат стандардите за зимски пневматици, и не се сметаат за зимски пневматици – а со тоа не ги исполнуваат законските барања.

Автобусите и товарните возила покрај зимската опрема мораат да имаат и прирачен алат – лопата. Казната за неносење зимска опрема изнесува 45 евра, а според правилникот не се дозволени пневматици со клинци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.