full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW 3-Series 320d xDrive – Баварски бенчмарк!

Секоја нова генерација на Серијата 3 на BMW е важна – не само што наметнува нови стандарди во класата, туку и навестува што можеме да очекуваме од баварскиот производител во иднина. Ние поминавме неколку дена со освежената Серија 3 опремена со одличен турбодизел и погон на сите четири тркала!

Серијата 3 на BMW (односно, подобро позната како „Тројка“) без ниту грам сомнеж е своевиден бенчмарк во класата на премиум седани. Борбата во оваа класа до неодамна се водеше исклучиво меѓу германски модели, но неодамна во конкуренција влегоа и неколку модели од далечниот исток. Бидејќи се работи за важен и профитабилен сегмент, каде во играта влегуваат не само профитот, туку и реномето на производителите – автомобилите кои се нудат во оваа класа мораат да бидат исклучителни – и токму тука започнува приказната за „Тројката.“

Низ шест генерации, BMW 3 го турка сегментот кон нови нивоа!

bmw-3series-rearside

Серијата 3 за прв пат се појави на пазарот во далечната 1975-та година, и од тогаш наметнува свои стандарди меѓу конкурентите. Без приговор, Тројката е најдинамичен автомобил во класата и нуди задоволство зад воланот на кое конкурентите можеби ќе му се доближат, но тешко дека некогаш ќе го надминат. Низ шест генерации (од првата E21, па се до сегашната F30), BMW 3 самостојно го турка сегментот кон нови нивоа за да ги задоволи потребите на оние кои не само што сакаат премиум седан, туку сакаат и да уживаат во секој момент поминат зад воланот.

Во реалноста, автомобилот е изразено придвижуван од задните тркала

bmw-3series-frontside

Денес, пред нас е BMW 320d, но сепак во малку поспецифична изведба. Ќе забележите дека има уште уште една придавка која е значаен дел од приказната – а тоа е xDrive. Да започнеме токму тука – ова значи дека „нашето“ тестно возило е со погон на сите четири тркала. Да – точно прочитавте – погон на сите четири тркала. Сепак, нека не ве обесхрабрува тоа – погонот работи максимално спортски и во нормални режими на работа силата се пренесува кон задните тркала – токму како што и треба да биде кај едно BMW. Единствено кога системот ќе забележи дека се случува нешто екстремно со задниот дел, тогаш префрла дел од силата на предните тркала за да го врати автомобилот „во ред“. Во реалноста, автомобилот е изразено придвижуван од задните тркала, а тоа нуди динамика и задоволство зад воланот кои едноставно изнудуваат насмевка кај возачот.

100 километри на час за 7.4 секунди и 230 километри на час!

bmw-3series-frontside-bridge

Кога станува збор за перформансите – можеме со задоволство да го пофалиме освежениот 4-цилиндерски турбодизел кој испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. Моторот работи без вибрации, реагира подготвено во скоро секој режим на работа и нуди повеќе од задоволителни перформанси – 100 километри на час пристигнуваат за 7.4 секунди, додека максималната брзина е 233 километри на час. Официјалните податоци ветуваат потрошувачка од 5.8 литри на 100 километри во градски услови, а ние успеавме да измериме просечна потрошувачка од нешто под 8 литри на 100 километри во градскиот метеж.

Поврзано:   BMW го претстави славеничкиот M5 Edition 35 Years

Фановите и познавачите на BMW ќе ги приметат и ситните детали кои ја издвојуваат фејслифтираната „Тројка“ – а ние ќе ги истакнеме LED задните светла, дискретно редизајнираните браници и уште некои ситни детали. По дизајнот веднаш станува јасно дека ова е автомобил кој е наменет за ентузијастите, а карактерната линија која се протегнува од предниот до задниот дел го потенцира и го нагласува погонот на задните тркала. Ние во приказната би го додале и M-Sport пакетот на опрема, кој доаѓа со поспортски браници, поголеми фелни и пониска суспензија. Сепак, детал од екстериерот кој особено ни се допадна се предните светла – кои како да „се будат“ кога ќе го отклучите автомобилот – ова е нешто што никогаш не би ни станало здодевно!

Спортски-ориентиран ентериер со идеални седишта!

bmw-3series-interior1

Ентериерот е токму онаков каков што и очекуваме од BMW. Се седи ниско и спортски, седиштата нудат идеално нагодување и странична поддршка, а ве окружуваат чисти и јасно-дефинирани површини кои се обложени со квалитетно-текстурирани пластики. Тестниот модел дојде без кожни седишта, но сепак нам спортските седишта навистина „ни легнаа“ и исто како и кај Серијата 1 која ја возевме, се покажаа како иделно комфорни, но истовремено со доволно поддршка за спортско возење.

bmw-3series-interior-dials

Детал кој особено ни се допадна е дигиталниот индикатор за тоа колку коњски сили и колку вртежен момент користите при возењето – полн погодок!

bmw-3series-interior2

Околу возачот и совозачот има доволно места за одлагање ситници, а командите се генерално јасно-разбирливи и лесни за користење. На задната клупа има доволно простор за двајца, можеби и за тројца – но сепак би ви препорачале да не претерувате. Багажникот нуди капацитет од 480 литри, достапни преку релативно правилен отвор на багажниот простор.

Поврзано:   BMW полека но сигурно ја открива новата Серија 1

bmw-3series-trunk

Низ град, „Тројката“ е лесна за маневирирање, а прегледноста е задоволителна. Сепак, сензорите за паркирање се корисен додаток и без двоумење би ги нарачале. Суспензијата лесно ги апсорбира нерамнините кои се карактеристични за нашите улици, а ниту поголемите дупки не се некаков проблем. Единствената забелешка која ја имаме за возење на отворен пат е малку поголемата бучавост од страничните ретровизори. Инаку, Серијата 3 е одлично место за поминување илјадници километри.

Како и секое BMW, и Серијата 3 е во својот елемент кога пред неа има свиоци. Автомобилот се однесува неутрално и самоуверено ги покорува скоро сите предизвици. Благодарение на идеалната 50:50 дистрибуција на тежината, скоро и да нема наклонетост кон подуправување или надуправување – но ако силно ја притиснете педалата за гас во свиок, задниот дел подготвено ќе изреагира и ќе „заигра“ според вашите барања. Сето ова се случува додека управувачот ви ги пренесува скоро сите информации од подлогата, па можете безбедно и самоуверено да ги истражувате лимитите на Серијата 3!

Многу „играчки“ и врвна безбедност!

bmw-3series-interior-details

Онаму каде навистина немаме на што да замериме е опремата – нашиот тестен модел дојде повеќе од доволно опремен – повторно мораме да ги истакнеме спортските седишта, но тука се и црвените спортски детали во ентериерот – како што се црвените лајсни и црвените опшивки на седиштата и управувачот. Тука е и аудио уредот со Bluetooth поврзување и можност за репродукција на MP3 записи, одличните предни светла со ЛЕД технологија, целата лепеза на безбедносна опрема, iDrive системот и уште многу, многу други ситници – ова е премиум автомобил!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW Серија 3 Touring - Динамичност и практичност

bmw-3series-interior-details2

Благодарение користените материјали во шасијата, но и на безбедносната опрема која е дел од Серијата 3, уште при своето појавување, Тројката освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.  Всушност, со 95%, BMW 3 има меѓу највисоките резултати за заштита на патници во случај на незгода.

bmw-3series-euroncap

Историјата и традицијата наметнуваат високи стандарди, а во овој сегмент нема простор за грешки

bmw-3series-rearside-bridge

Ако Серијата 1 која неодамна ја возевме беше вовед во Баварија, тогаш Серијата 3 е меѓу најдобрите понуди на баварскиот производител. Историјата и традицијата кои стојат за овој автомобил наметнуваат високи стандарди – и навистина, во овој сегмент нема простор за грешки. Според динамичноста, Серијата 3 е на врвот, и е наменета за оние кои сакаат да уживаат во возењето. Сите други работи се само одличен додаток!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 233 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.4 секунди
  • Должина: 4633 mm
  • Ширина: 2031 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1440 mm
  • Тежина: 1590 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2810 mm
  • Багажен простор: 480 литри
  • Потрошувачка: 5.8 литри на 100 километри (официјална, градска), 7.8 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: BMW 3 Series 320d xDrive – 47.456 Евра
    Повеќе информации: BMW.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.