full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW 1 Series 118d Sport – Добредојдовте во Баварија!

Малата Серија 1 на баварскиот BMW е своевиден вовед во гамата на овој легендарен производител – а ние поминавме неколку дена токму со овој компактен хечбек со погон на задните тркала, придвижуван од 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили!

Серијата 1 на BMW се покажа како успешен гамбит на баварскиот производител. Желбата да се земе дел од колачот во класата на компактни хечбекови наметна развивање на автомобил кој беше помалку непознат за баварците – да, BMW има историја со Compact изведбите на Серијата 3, но да бидеме искрени – тоа не е тоа.

Кога пред нешто повеќе од 10 години (поточно, во 2004-тата година) за прв пат се појави Серијата 1 на пазарот, реакциите од купувачите беа мешани – на многумина не им се допаѓаше дизајнот, имаше коментари во насока на тоа дали автомобилот е вистинско BMW, а и заради погонот на задните тркала купувачите мораа да прифатат некакви компромиси – особено ако го земеме во предвид багажниот простор.

Сепак, луѓето од BMW беа упорни и продолжија со ширење на гамата. На самиот почеток се појави хечбекот со три и пет врати, а потоа на пазарот беше понудена и купе-изведбата (која во нашите очи изгледа фантастично), како и кабриолет изведбата – и сите овие варијанти беа доволно успешни да го убедат BMW да направи втора генерација од единствениот хечбек со погон на задните тркала!

Веднаш се знае дека се зборува за BMW!

bmw-118d-front

Она што е денес пред нас е всушност освежената Серија 1. Автомобилот неодамна доби свој фејслифт, со што доби нови предни и задни светлосни групи, нови браници и уште некои ситни визуелни измени. Корекциите се сосем доволни да го дистанцираат од верзијата пред фејслифтот која со својот лик асоцираше на некои од ликовите во популарната Angry Birds. Автомобилот кој денес е пред нас е значително освежен и со привлечен и урбан лик.

bmw-118d-rearside

Веќе ги нема „намуртените“ предни светла – туку добиваме привлечна и модерна предница на која доминираат двојните отвори за воздух на брендот – и да бидеме искрени – веднаш се знае дека се зборува за BMW. Острите линии продолжуваат околу целиот автомобил и завршуваат со интересните задни светлосни групи кои имаат несекојдневна тродимензионална графика. Сепак, за сликата да биде идеална – барем според нашето мислење – ние би го избрале M-Sport пакетот кој доаѓа со поспортски браници и поголеми тркала.

Возачката позиција може да се опише единствено како идеална – овие седишта треба да ги има во секој автомобил, секаде!

bmw-118d-interior-front

Веднаш штом ќе ја отворите возачката врата ќе ве пречека ентериер кој без ниту грам сомнеж е ориентиран кон возачот. Се спуштате (да, се спуштате) во ниското возачко седиште и пронаоѓате возачка позиција која единствено може да се опише како идеална. Седите ниско до подлогата, седиштето може да се нагоди лесно во скоро било која насока, а Вас ве обвива чувство на безбедност кое истовремено ги наговестува спортските гени на малата Серија 1 – всушност, ова е едно од најдобрите места за седење кои досега сме ги искусиле – браво за инженерите на BMW!

Поврзано:   Со Vision M Next, BMW ја најавува иднината на уживањето во возењето

Единствената забелешка која ја имаме на прегледноста се малку поголемите странични ретровизори кои можат во некои ситуации да пречат – но брзо ќе се навикнете на нив и ќе научите да компензирате за овој ситен недостаток.

bmw-118d-interior1

На предните седишта има доволно простор за возачот и совозачот, но на задната клупа нема толку простор како кај некои од ривалите со погон на предните тркала. Кокпитот е обложен со квалитетни и модерни материјали – скоро сè што ќе допрете е обвиено со квалитетна пластика – како што и треба да биде во премиум автомобил. Особено ни се допаднаа црвените детали (како што се опшивките на седиштата и лајсните во ентериерот) кои се дел од Sport пакетот со кој беше опремен нашиот тестен автомобил.

bmw-118d-interior2

Ергономијата е (очекувано) одлична – сите контроли се јасни и лесно-разбирливи, иако BMW прави некои работи различно од другите. Прегледноста е генерално добра, иако малку компромитирана кон задниот дел – нешто што е проблем кај повеќето хечбекови. Ова лесно се компензира со сензорите за паркирање и паркинг-камерата. Инструментите се поставени јасно пред возачот и веднаш станува јасно дека автомобилот е подготвен да понуди забава! Доколку се подготвувате за патување, знајте дека со исправени задни седишта на располагање имате багажен простор со капацитет од 360 литри – 30 повеќе од претходниот модел. Багажниот простор е со правилен и релативно широк отвор, па сместување и на поголеми предмети не би требало да биде проблем.

bmw-118d-boot

Вистинско уживање е да се фати тактилниот управувач во рацете и Серијата 1 да се насочува од еден свиок кон друг

bmw-118d-driving

Бидејќи задните тркала се задолжени за придвижување на возилото, предните тркала се „послободни“ да се занимаваат со управувањето – и токму тука BMW Серија 1 е глава и рамења над конкурентите – управливоста и чувството зад воланот едноставно се без вистински конкуренти! Вперете го BMW Серија 1 во скоро било каков свиок и ќе останете изненадени од леснотијата со која овој хечбек ја менува насоката.

Поврзано:   BMW веќе подготви M Performance додатоци за новата Серија 1

Навалување во свиоци скоро и да нема, а шасијата врз која е поставен овој Баварец е екстремно лесна за контролирање и навистина е лесно да се препознаат и очекуваат лимитите. Без сомнение – ова е градскиот хечбек за оние кои сакаат да уживаат во возењето – било која изведба на Серијата 1 да ја изберете, ќе добиете агилен и забавен автомобил! Едноставно – вистинско уживање е да се фати респонзивниот управувач цврсто во рацете и 118d да се насочува од еден свиок кон друг! Префрлете го BMW 1 во Sport или Sport+ режим (во вториот целосно се деактивираат системите за контрола на тракцијата и стабилноста) и ќе добиете малку потешко управување, но и подобрен одзив на педалата за гас – токму она што е потребно. Доколку сте похрабри и го испровоцирате автомобилот, задниот дел ќе се започне со надуправување, но сето тоа е максимално предвидливо и лесно за контролирање, а оние поискусните ќе се почувстуваат наградени од прецизноста на BMW 1.

8.2 „до стотка“ и 212 километри на час

bmw-118d-instruments

Иако тестниот модел ја носи ознаката 118d, под поклопецот се крие 2-литарски турбодизел кој испорачува 150 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент достапни од 1500 до 3000 вртежи во минута. Според официјалните податоци, на 1425 килограми тешкиот хечбек му се потребни 8.3 секунди да го постигне бенчмаркот од 100 километри на час, a ќе продолжи да забрзува сè до максималните 212 километри на час.

Сето ова е придружено со потрошувачка која според официјалните мерења изнесува 5.2 литри на 100 километри во градски услови, но според она што ние го измеривме, можете да очекувате вашиот 118d да троши околу 7 литри во град, односно нешто над 6 литри на 100 километри во комбинирани услови на возење.

Поврзано:   BMW полека но сигурно ја открива новата Серија 1

bmw-118d-outdoor

Нашиот тестен модел дојде во Sport ниво на опрема. Тоа значи дека ги добивате одличните спортски седишта, спортски детали во ентериерот и малку поагресивни браници. Дополнително, нашиот тестен модел имаше и мултифункционален управувач, систем за следење на притисок во пневматиците, паркинг-камера, фарови за магла и LED предни светла, радио со 6 звучници и 6.5-инчен дисплеј, можност за Bluetooth поврзување, паркинг сензори, сензори за дожд и уште многу други ситници.

Како што и очекувате – Серија 1 е безбеден автомобил, па благодарение на одличната конструкција, многуте воздушни перничиња и целата лепеза на системи за активна и пасивна заштита, уште при неговото појавување во 2012 доби максимални 5 ѕвездички на строгите EuroNCAP тестови за безбедност.

Време е да го прогласиме баварскиот хечбек за она што навистина е – автомобил наменет за оние кои сакаат премиум хечбек со максимална забава зад воланот!

bmw-118d-euroncap

Низ нашите раце поминуваат многу автомобили, но од време на време имаме контакт со нешто што навистина ни остава одличен впечаток. Како кај сите автомобили, и кај Серијата 1 на BMW има некои детали кои не ни се допаднаа, но подготвени сме да погледнеме над тие компромиси и да го прогласиме овој баварски хечбек за она што навистина е – автомобил кој нуди недостигнати нивоа на забава зад воланот во оваа класа!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1500 – 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 212 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.3 секунди
  • Должина: 4329 mm
  • Ширина: 1984 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1440 mm
  • Тежина: 1425 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2690 mm
  • Багажен простор: 360 литри
  • Потрошувачка: 5.2 литри на 100 километри (официјална, просечна), 7.5 литри (измерена, просечна)
  • Цена на тестираниот модел: BMW 1 Series 118d Sport Line – 34.709 Евра
    Повеќе информации: BMW.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.