full screen background image
Search

Електромобилноста започнува да зема замав и во Македонија!

Тимот на Електромобилност Македонија организираше конференција за електромобилноста, но и изложба на електрични автомобили и возила кои се дел од Македонското секојдневие!

Електромобилноста и возилата на електрична енергија, како и сите технологии околу нив се неизбежен дел од иднината на автомобилите. Технологиите и трендовите се движат кон трансформирање на она што беше егзотично во нешто што е секојдневно и достапно, и токму тоа имавме можност да го видиме на денешната изложба на електрични автомобили и возила.

На платото пред Институтот за Возила пред Машинскиот Факултет во Скопје беа изложени неколку различни електрични возила, како и технологиите околу нив. Изложен беше малиот Mitsubishi i-MiEV кој ние веќе имавме можност да го возиме, компактниот и практичен Volkswagen e-up, но и неколку електрични возила кои се произведени токму тука во Македонија, и кои ние наскоро ќе ги возиме за подобро да ги запознаеме и да ги пренесеме нашите импресии.

Дел од настанот беа и нашите пријатели од Exide Акумулатори, како производители на најпопуларните и најбараните акумулатори во светот. Токму нивните акумулатори се дел од едно од возилата кои беа претставени. Покрај автомобилите, беа претставени и неколку електрични скутери, но и еден електричен велосипед кој ние накратко го пробавме и останавме импресионирани од неговите перформанси – и наскоро ќе ви пренесеме повеќе за овој несекојдневен македонски продукт!

Целта на организаторите беше да се промовира електромобилноста како реална и оддржлива алтернативе која не само што е практична и поевтина, туку и скоро го елиминира загадувањео. Се работи за зголемување на свеста на населението, но и се наметнува потребата од субвенционирање на ваквите возила, со што би се зголемил интересот за нив.

Во секој случај, CARclub го поздравува настанот и со задоволство очекуваме реални придобивки од едукацијата и подигањето на јавната свест кои се неизбежен дел од ваквите случувања.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.